Претседателот на Народното собрание на Венецуела и опозициски лидер, Хуан Гуаидо повторно ги повика своите симпатизери на протести, најавувајќи „најголем марш“ во историјата на земјата.
Тој вчера испрати повик до армијата да се придружи на, како што рече, мирното народно востание со кое треба да се собори од власт претседателот Николас Мадуро. Неговиот повик доведе до насилни пресметки помеѓу безбедносните сили и опозициските приврзаници.
Од друга страна, претседателот Мадуро, синоќа, во обраќање на државната телевизија, заедно со министерот за одбрана, Владимир Падрино, рече дека планот на опозицијата пропаднал, посочувајќи ги приврзаниците на Гуаидо како „мала група“. Мадуро соопшти и дека неговите трупи го осуетиле слабо организираниот обид за негово симнување од власта.
– Обвинителите ќе покренат кривични постапки за сериозни кривични дела кои беа извршени против уставот, владеењето на правото и правото на мир – изјави Мадуро.
Во вчерашните немири повредени се 69 лица, од кои двајца се здобиле со прострелни рани, пренесе „Би-би-си“, додека според „Ројтерс“ повредени се 100 луѓе.