Приврзаниците на венецуелскиот претседател Николас Мадуро се собраа пред претседателската палата извикувајќи слогани за поддршка. Мадуро изјави дека високи воени лидери го увериле во нивната лојалност наспроти повиците на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо војската да се спротивстави.
Демонстрациите следуват како одговор на повикот на лидерот на опозицијата Гуаидо војската и цивилите да станат против Мадуро, а на собирот едно лице со камион делело големи постери од Мадуро со венецуелското знаме во заднина.
Мадуро на „Твитер“ повика на масовна максимална мобилизација за да се обезбеди победа на мирот. Гуаидо се појави на улиците со помала група воени приврзаници, но засега нема знаци за поширок бунт кај вооружените сили.
Американските власти издадоа соопштение за поддршка на Гуаидо кого го признаваат како легитимен лидер на таа земја иако Мадуро ги контролира владините агенции.