Три четвртини од луѓето во најбогатите земји во светот веруваат дека човештвото ја турка планетата Земја до екстремна состојба и поддржуваат промена на приоритетите кои не се во насока на остварувањето на профит, според ново глобално истражување кое го пренесува „Јуроњуз“.
Истражувањето на „Ипсос Мори“ направено за „Глобал Комон Алаенс“ (ГКА) покажа дека 58 отсто од испитаниците се екстремно загрижени за состојбата во која се наоѓа планетата.
– Светот месечари кон катастрофа. Луѓето знаат дека преземаме огромни ризици, сакаат да направат повеќе и сакаат нивните влади да направат повеќе. Наодите од истражувањето покажуваат дека треба да им дадат доверба на лидерите на Г20 за да спроведат поамбициозни политики за заштита и обнова на глобално ниво – вели Овен Гафни, главен автор на истражувањето чии резултати покажале силна глобална поддршка за итни, одлучувачки дејствија за климатските и природните кризи.
Меѓу земјите од Г20, 73 отсто од луѓето веруваат дека човечката активност ја довела планетата Земја речиси до пресвртна точка. Генерално, повеќе од половина од испитаниците (59 отсто) веруваат дека природата е веќе премногу оштетена за да продолжи да ги задоволува човечките потреби на долгорочно ниво.
– Луѓето почнуваат да чувствуваат дека природата полека но сигурно го возвраќа ударот – напиша кениската екологистка Елизабет Ватути во предговорот на извештајот.
За жал, само 43 отсто од луѓето изјавиле дека медиумите им помогнале да ги разберат прашањата за природата и климатските промени, додека 46 отсто изјавиле дека објавите на овие теми ги оставиле со повеќе прашања отколку одговори во врска со тоа што може да направат за да помогнат да се подобри ситуацијата.
Според Бриџит Вилијамс, директорка за истражување во „Ипсос Мори“, постои јасна побарувачка за информации за тоа како да се дејствува.
– Анкетата јасно покажа дека луѓето од земјите-припаднички на Г-20 сакаат да ја одиграат својата улога во заштитата на Земјата и да дејствуваат во подобрувањето на глобалните заедници во иднина – изјави Вилијамс.