Естонската министерка за надворешни работи Ева-Марија Лимец тврди дека белорускиот претседател Александар Лукашенко ѝ ветил на Европската унија дека ќе стави крај на бегалската криза во замена за признавање на неговиот мандат и укинување на санкциите.
„Тој сака да се укинат санкциите и да му се признае мандатот на чело на државата“, изјавила министерката, а пренесува агенцијата „Тасс“.
Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт, пак, изјави дека Германија не го признава Лукашенко за легитимен претседател на Белорусија, но оти смета дека разговорите со него се неопходни за да се обезбеди хуманитарна помош за бегалците.
По телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел на 15 ноември, Лукашенко презентираше предлог за решавање на ситуацијата на белоруско-полската граница.
Мигрантската криза на белоруските граници со членките на Европската унија ескалираше на 8 ноември, кога неколку илјади луѓе се приближија до полската граница од белоруска страна и се обидоа да преминат во Полска.
Земјите од ЕУ го обвинуваат Минск за хибридната војна и повикаа на дополнителни санкции против Белорусија, а Лукашенко порача дека одговорни за новонастанатата ситуација со мигрантите се западните земји, чија политика, како што кажа, ги принудува луѓето да бегаат од војни.