Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека не доаѓа предвид да се повторат претседателските избори на кои победил.
Ситуацијата во Белорусија не се смирува откако Лукашенко објави дека е победник на неодамнешните претседателски избори. Синоќа во Минск се одржаа најмасовните протести на противниците на Лукашенко, но и контрамитинг.
Додека Русија застана зад Лукашенко, останатите европски земји јасно ставија до знаење дека овие избори треба да се повторат, што го бара и белоруската опозиција.
„Нема да доживеете да го видите денот кога ќе направам нешто под притисок. Нема да има повторно избори, затоа што во тој случај нема да има фабрики, нема плантажи. Сè ќе биде уништено за половина година“, рече Лукашенко, пренесува ТАСС.
Лукашенко рече дека ќе се согласи да ја дели власта и да го измени уставот, но не е подготвен да го стори тоа под притисок на демонстрантите, јави новинската агенција „Белта“.
Тој денеска ја посети Фабриката за тракторски тркала и во таа пригода рече дека има информации дека сите фабрики во земјата работат нормално.
Неколку стотици демонстранти се собраа пред портите на фабриката за време на неговата посета, држејќи транспаренти со кои бараа негова оставка.
Најмасовниот протест против резултатите од претседателските избори во Белорусија се одржа синоќа во Минск. Се одржа и контрапротест. Десетици илјади демонстранти учествуваа на протестот.
Не било видливо присуството на полицијата на улиците, а „Ројтерс“ проценува дека на денот кога Русија се согласила да ја поддржи Белорусија во случај на воена закана од странство се собрале околу 200.000 луѓе.
Демонстрантите кои веруваат дека претседателските избори на кои повторно победи Лукашенко биле лажирани извикувале „Напушти ја власта“ и носеле транспаренти, цвеќиња и балони, а приврзаниците на Лукашенко одржале контрамитинг во центарот на Минск.
Лукашенко вчера одржал говор пред мал број негови приврзаници, во кој своите политички противници ги нарекол „стаорци“ и побарал да ја одбранат независноста на Белорусија. Тој посочил дека повторувањето на изборите би значело смрт на Белорусија како држава.
– Раководството на НАТО бара од нас да одржиме нови избори. Ако ја исполниме нивната желба, тоа би било смрт на нашата држава – истакнал Лукашенко на собирот, додавајќи дека тој нема да дозволи предавање на Белорусија дури и по цена на неговиот живот.
Протести се одржале и во други градови.
Белоруското Министерство за внатрешни работи ги негираше тврдењата дека имало апсења за време на протестите.