Долгогодишниот финансиски директор на семејниот бизнис на Доналд Трамп, Ален Вајселберг, е обвинет за измама од страна на обвинителството во Њујорк, поради наводно избегнување на данокот за бројните погодности во кои уживал, вклучувајќи ги школарината за неговите деца и бесплатното домување, пренесуваат светските медиуми.
Обвинението од 15 точки претставува пресвртница во речиси тригодишната истрага на бизнисите на Трамп од страна на окружниот правобранител на Менхетн, Сајрус Ванс, заедно со окружната правобранителка на Њујорк, Летисија Џејмс.
Обвинителството тврди дека Вајселберг и други водечки луѓе од „Организацијата Трамп“ работеле на сокривање на дел од приходите преку планот според кој компанијата ја плаќала нивната кирија, школарината на нивните деца, ратите за купените автомобили, како и за други погодности кои не биле пријавени на даночните власти.
Според обвинителите, Вајселберг на тој начин добил „индиректна компензација“ во вредност од 1,76 милиони долари во период од 16 години. Се тврди и дека ваквата шема и овозможија на „Организацијата Трамп“ да избегне плажаќање на одредени даноци за вработените. Џејмс тврди дека овие обвинувања се значителни во истрагата против „Организацијата Трамп“ која е во тек.
Вајселберг (73) вчера им се предал на властите, за неколку часа подоцна да биде одведен со во судница, каде што се изјаснил за невин на краткото сослушување. Неговиот адвокат нагласил дека тој „ќе се бори против обвиненијата“.
Обвинителите се надеваат дека ќе го убедат Вајселберг да ја помогне нивната истрага во бизнисите на Доналд Трамп. Вајселберг се смета за еден од најлојалните соработници на поранешниот американски претседател, кого го нарекуваат и „војникот“ на Трамп, а тој за самиот себеси рече дека ги претставува „очите и ушите“ на Трамп.
„Организацијата Трамп“ преку соопштение наведе дека обвинителите го користат Вајселберг како пион во обидот да му наштетат на поранешниот претседател. Адвокат на компанијата им кажа на новинарите оти случајот е политички мотивиран.