Спасувачките тимови се мачат со лошите временски услови во областа Самбервулух, додека се обидуваат да ги извлечат жртвите од урнатините, откако вулканот Семеру во Индонезија еруптираше завчера, додека најблиските објавуваат фотографии од нивните исчезнати роднини на социјалните мрежи, барајќи какви било информации за нив, пренесуваат светските медиуми.
– Сите тимови за евакуација се извлечени привремено, бидејќи имаше нова ерупција и може да ги загрози – потврди Ризал Пурнама од спасувачкиот тим.
Текот на лава по саботната ерупција уништи мост што поврзува две области во блиската област Лумајанг со градот Маланг, што дополнително ги отежнува спасувачките напори.
Индонезискиот центар за вулканологија и геологија (ПВМБГ), ги потврди денешните ерупции на вулканот, предупредувајќи за неговата континуирана сеизмичка активност.
– Семеру е еден од најактивните вулкани во Индонезија. По ерупцијата на 4 декември, тој ќе продолжи со своите активности. Луѓето треба да бидат повнимателни бидејќи потенцијалната закана сè уште постои – изјави за Ројтерс Лисванто, шеф на опсерваторијата на вулканот Семеру.
Неколку дена по силната ерупција на вулканот Семеро во Индонезија во која загинаа најмалку 15 луѓе, активноста продолжи и денес со исфрлање на големи количества пепел. Највисоката планина на островот Јава силно еруптираше завчера, фрлајќи огромно количество пепел на небото над околните села.
Бројот на загинати засега е 15, а 27 лица се водат како исчезнати, соопшти денес Индонезиската агенција за управување со катастрофи, потенцирајќи дека потрагата по исчезнатите луѓе е отежната поради лошите временски услови (силен ветер и дожд), надополнети со големо количество на пепел во воздухот.
Дополнителен болнички тим е испратен на терен за да им помогне на децата погодени од ерупцијата, објави „Си-Ен-Ен Индонезија“, а во областа се испратени стотици пакети со помош, вклучувајќи ориз, ќебиња, облека и други основни потреби.
Индонезија е земја која се протега низ Огнениот прстен на Тихиот Океан, област со висока сеизмичка активност, а Семеру е еден од повеќе од 100-те активни вулкани во земјата.