Британската влада ги разгледува можностите да почне со подготовки за излегување на Британија од ЕУ без постигнат договор, поради несигурноста околу судбината на договорот за брегзит што го предложи премиерката Тереза Меј. Министрите треба да определат колку пари треба да добие секое министерство за да се подготви, ако Британија ја напушти ЕУ на 29 март без формален договор.
Пратениците во британскиот парламент ќе се изјаснат за договорот на Меј најрано на почетокот од третата седмица во јануари. На само сто дена од брегзит, многу пратеници и натаму се противат на владиниот договор за излегување од Унијата, па министрите сега се фокусираат на план за брегзит без договор. Но, истовремено многу пратеници се противат и на таквата опција. Околу 60 пратеници ѝ пишаа на Меј дека брегзит без договор ќе нанесе голема непотребна економска штета.