Британската влада неодамна го промени ставот и реши да ги обнови преговорите за трговски договор со Европската Унија. Иако шансите за успешен исход значително се зголемија во изминатите неколку недели, двете страни сепак релативно се разликуваат во суштинските прашања за таканаречените еднакви услови, но и за управувањето и риболовот
Официјален Лондон повторно ќе седне на преговарачката маса за да склучи трговски договор со Европската Унија (ЕУ) по излезот на Велика Британија од неа, откако пред повеќе од две недели се закани дека ќе ги напушти преговорите. Новото затоплување на односите меѓу Британија и ЕУ доаѓаат откако премиерот Борис Џонсон неодамна посочи дека дискусиите се „завршени“, освен ако нема „суштинска промена“ во пристапот на Брисел, јавува „Јуроњуз“.
– Очигледно е дека остануваат значајните разлики меѓу нашите позиции за најтешките теми, но ние сме подготвени со ЕУ да разгледаме дали е можно да ги приближиме во текот на интензивните дискусии. Сепак, исто така постојат и големи шанси дека преговорите ќе пропаднат – изјави минатата недела портпаролот на Џонсон.
Претходно, главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, изјави дека трговскиот договор меѓу ЕУ и кралството може да се постигне ако двете страни ги направат неопходните компромиси. Барние се обрати минатата недела пред Европскиот парламент и порача дека Брисел е подготвен да започне со пишување на правниот текст за склучување на договорот.
– Можеме да постигнеме договор ако има напредок во наредните неколку дена за да ги решиме горливите прашања. Времето истекува со секој поминат ден – им порача тој на пратениците од Европскиот парламент и на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Неодамна Велика Британија им порача на Барние и на неговиот тим да не доаѓаат во Лондон за дополнителни преговори, освен ако суштински не го променат нивниот став во однос на голем број прашања. Британската влада исто така побара од ЕУ да го започне процесот на составување правен текст за да се интензивира напредокот. Мишел Барние истакна дека ЕУ е подготвена да ги стори овие чекори и покажала волја уште пред да добие препорака да не се појави во Лондон.
Иако шансите за успешен исход значително се зголемија во изминатите неколку недели, двете страни сепак релативно се разликуваат во суштинските прашања за таканаречените еднакви услови, управувањето и риболовот. Велика Британија инсистира дека посакува трговски договор по примерот на Канада, но Брисел го одби барањето со тоа што истакна дека тековните преговори се за да се постигне укинување на царините и квотите. Договорот со Канада не содржи ваква ставка.
Сепак, и покрај тоа, ЕУ вели дека односите меѓу блокот и Велика Британија, ако се сметаат близината и силната меѓусебна зависност на економиите, се многу поразлични од оние со Канада.
Во таа насока Барние неколкупати предупреди дека преговорите можат да пропаднат, освен ако ЕУ не добие соодветен пристап до британските води.
– Нема да има трговски договор без соодветно решение за риболовот на двете страни и ќе инсистираме на ова прашање до самиот крај. Мора да постои заемна согласност за водите и праведна поделба на квотите за риболов кај двете страни – истакна тој.
Тој тврди дека ЕУ е подготвена да преговара до последниот момент и дека ќе остави простор за дијалог. Од друга страна, во поборбена изјава, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, минатата недела одби да го прифати инсистирањето на Велика Британија суштински да го промени преговарачкиот став и да потклекне пред нејзините барања. Мишел на провокацијата на Лондон возврати дека ако Британија сака широк пристап до пазарите на 27-те членки на блокот, тогаш мора еднакво да даде пристап до нејзините води за европските рибари, нешто што британската влада во овој момент не сака да го направи.