Британскиот секретар за брегзит Стивен Беркли денеска ги негираше пишувањата на „Дејли телеграф“ дека Брисел и Лондон преговараат за проширување на членот 50 од Лисабонскиот договор, во врска со британското повлекување од Европската унија и нагласи дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март.
„Дејли телеграф“, повикувајќи се на три неименувани извори од ЕУ, вчера објави дека британски и европски претставници ја разгледуваат можноста за проширување на членот 50 од Лисабонскиот договор, кој се однесува на истапувањето од Унијата.
– Не сум разговарал со Европската унија за проширување (на членот 50), изјави денеска Беркли за Би-Би-Си.
Запрашан дали може да го негира пишувањето на весникот, тој одговори потврдно.
– Да, бидејќи можам да бидам многу јасен дека владината политика е таква да ја напушти (ЕУ) на 29 март. Премиерката тоа го разјасни многу пати пред Парламентот, изјави Беркли.
Според „Дејли телеграф“, британските власти испратиле „неофицијална сугестија” и „ја тестираат волјата” за проширување на член 50, дури и ако Владата вели дека нема намера да побара продолжување на преговарачкиот период.