Тимот познат како АПТ29 или „удобната мечка“, кој се смета за дел од руската разузнавачка служба СВР, е актуелен во светските медиуми кои известуваат дека неговите хакери успеале да продрат во американските министерства за финансии, трговија и за внатрешна безбедност, со што добиле пристап до интерните мејлови, пишува „Економист“.
Еден поранешен експерт за сајбер-безбедност вели дека станува збор за најголем упад што тој воопшто го видел, а Американците веруваат дека инцидентот е дел од поширока руска кампања. Во октомври САД и Велика Британија обвинија друга руска хакерска група за серија на сајбер-напади во периодот помеѓу 2015 и 2019 година, меѓу чии цели биле и украинското електростопанство и Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја.
Софтверот користен од хакерите при последниот напад се поврзува со легитимниот софтвер „Орион“, алатката направена од тексашката компанија „Соларвиндс“ која им служи на разни организации за надгледување на нивните компјутерски мрежи. Хакерите, некако, успеале да добијат пристап во компјутерите на „Соларвиндс“. Компанијата направи официјални унапредувања на софтверот кои го содржеа и хакерскиот софтвер, помеѓу март и јуни. Тоа им овозможило на хакерите да упаднат претставувајќи се како администратори на системите, кои вообичаено управуваат со целата компјутерска мрежа на организациите. „Соларвиндс“ соопшти дека нивната „ранливост е резултат на софистициран напад од острана на друга држава“. Американската агенција за сајбербезбедност во неделата упати итна наредба до федералните агенции веднаш да прекинат со користење на софтверот на „Соларвиндс“.
Во изминатата деценија САД ги категоризираа сајбер-нападите и според тоа одговараа соодветно, покренувајќи обвиненија и санкции врз руски, кинески, севернокорејски и ирански хакери. Но американскиот обид да се воведат норми на тајниот и хаотичен фронт главно беше неуспешен. Извесно е дека, настрана од подигањето на поцврста сајбер-одбрана, Америка веќе не може да се заштити од напад, слично како што не можеше да стави крај ниту на регрутацијата на КГБ за време на Студената војна, наведува „Економист“.
– Одбивањето е неважно во натпреварувањето во разузнавање. Ниедна комбинација на закани и ветувања нема да ја спречи ривалската разузнавачка служба од собирање на информации – пишува Џошуа Ровнер од универзитетот во Вашингтон.