Главниот град на Израел, Тел Авив, ја освои титулата најскап град за живот во светот, се наведува во анализата објавена во британскиот магазин „Економист“.
Како што пренесе „Ал Џезеира“, израелската престолнина го презеде лидерството од француската престолнина Париз, која сега го дели второто место со Сингапур. По овие три града на листата најскапи градови за живеење следуваат Цирих, Хонг Конг и Њујорк, а потоа Женева, Копенхаген, Лос Анџелес и Осака.
Истражувањето за трошоците на животот спроведено за оваа анализа опфатило 173 земји споредувајќи ги цените на повеќе од 200 производи и услуги.
Најголем пад на листата на најскапи градови има главниот град на Италија, Рим, кој падна од 32-то на 48-то место. Најевтин пак град за живеење во светот прогласен е главен град на Сирија, Дамаск.
Анализата покажала дека тешкотиите во синџирот на снабдување и мерките против пандемијата кои го ограничија производството и трговијата, и придонесоа за зголемување на животните трошоци во многу градови.
– Ограничувањата на движењето на луѓе и стоки поради пандемијата на на Ковид-19, го нарушија снабдувањето со разни стоки, што доведе до недостиг и зголемување на цените, особено цените на горивата и средствата за хигиена – вели Упасана Дут од „Економист“.
Според анализата највисоки цени на бензините се во Хонг Конг со 2,5 долари за литар.