Турскиот лидер порача дека оние земји што не можат да се натпреваруваат на економски план со Турција измислиле валутни заговори на Интернет, кои немаат никаква врска со реалната состојба на земјата, нејзиното производство и
реалната економија. Ердоган не посочи конкретно за кои земји станува збор,
иако неговите коментари следуваат во период на интензивирање на спорот
со САД и откако администрацијата на Трамп во петокот ги зголеми тарифите за турскиот челик и алуминиум
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган демантира дека неговата земја се наоѓа во финансиска криза, инсистирајќи дека падот на вредноста на лирата е резултат на флуктуациите на берзите. Ердоган порача дека оние земји што не можат да се натпреваруваат на економски план со Турција измислиле валутни заговори на Интернет, кои немаат никаква врска со реалната состојба на земјата, нејзиното производство и реалната економија.
Но и покрај „смирувачките“ пораки на турскиот претседател, податоците покажуваат дека од почетокот на годината лирата загубила дури 40 отсто од својата вредност во однос на американскиот. Ердоган не посочи конкретно за кои земји станува збор, иако неговите коментари следуваат во период на интензивирање на спорот со САД и откако администрацијата на Трамп во петокот ги зголеми тарифите за турскиот челик и алуминиум. Турскиот лидер го предупреди Вашингтон дека ако не ја смени својата политика, Анкара би можела да почне да бара нови сојузници, пренесуваат светските медиуми.
– Земјата не се тетерави, ниту пак е уништена или банкротирана или во криза. Преку зголемување на производството и минимизирање на каматните стапки, може да се надмине валутниот заговор – истакна Ердоган.
И покрај ваквите смирувачки тонови на шефот на турската држава, Би-би-си оценува дека случувањата на финансиските пазари во Турција се алармантни и би можеле да доведат забавување на економскиот пораст во оваа земја. Па, така, само од почетокот на годинава, вредноста на турската лира се намали за 40 проценти во однос на американскиот долар. Пазарот на акции се намали за 17 отсто, а доколку се мери во долари, како што тоа го прават странските инвеститори, регистриран е пад на цената на акциите за дури 40 отсто. Втор параметар, кој често се следи на берзите, е тоа колкави се трошоците на државното задолжување. Каматата за кредит во лири на десет години сега изнесува 18 отсто годишно, а дури и задолжувањето на Турција во долари е скапо, па кредитите се даваат со камата од околу седум проценти.
Турција исто така бележи и дефицит во меѓународната трговија. Па, така, земјата повеќе увезува отколку што увезува или, со други зборови, повеќе троши отколку што заработува. Таков дефицит треба да се финансира или со странски вложувања или преку задолжување. Тоа, според Би-би-си, не е нешто невообичаено или опасно. Но турскиот дефицит е доста висок, а минатата година достигна 5,5 отсто од БДП. Истовремено, има две карактеристики на турскиот надворешен долг, кои исто така ја зголемуваат ранливоста. Прво, Турција има високо ниво на долгови, кои мора да ги отплати, односно рефинансира во блиска иднина. Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ проценува дека Турција годинава има потреба за финансирање во висина од речиси 230 милијарди долари. Второ, многу турски компании се задолжуваа во странски валути.
Таквите кредити стануваат поскапи за отплата доколку се намалува курсот на националната валута, а податоците покажуваат дека тој веќе е намален.
Слабата валута исто така и го влошува и проблемот со инфлацијата, кој е сѐ поголем во Турција. Поради послабата лира, увозот е многу поскап. Централната банка на Турција цели кон инфлација од пет отсто. Но уште пред една година, инфлацијата беше многу над тоа, и достигна околу десет проценти. Оттогаш ситуацијата сѐ повеќе се влошуваше, а цените сега растат на годишно ниво по стапка од 15 отсто.
Инвеститорите на финансискиот пазар исто така се вознемирени и од ставовите на Ердоган за економската политика и притисокот што ѝ го врши на централната банка во земјата. Очигледна е политичката опција во централната банка, која сака да ја намали инфлацијата преку подигнувањето на каматните стапки. Таквата постапка може да го запре зголемувањето на инфлацијата на два начини. Може да ја намали побарувачката во земјата и да ги зголеми финансиски придобивки, што ги поттикнува инвеститорите да купуваа лири, а тоа би ја зајакнало валутата и би ги намалило трошоците за увоз. Турската централна банка веќе презеде неколку такви чекори, не без никакво трајно влијание врз проблемот.
Сепак, според Би-би-си, тоа што ги мачи берзите е лошата информираност на Ердоган за каматните стапки. Турскиот претседател самиот себеси се опиша како „непријател на каматните стапки“. Како резултат на тоа, инвеститорите не се уверени дека централната банка ќе го стори тоа што е потребно за стабилизирање на валутата, и на тој начин ставање под контрола на инфлацијата. Од друга страна, тоа ги прави инвеститорите многу повнимателни за прашањето за иднината на турскиот финансиски имот.
Агенцијата за кредитен рејтинг „Мудис“ оценува дека турскиот економски пораст достигна неодржливо ниво поради даночните и потрошувачки политики, при што политиките за долгорочен пораст беа игнорирани поради фокусирањето на изборните циклуси. Истовремено, агенцијата „Фич“ предупредува дека е зголемен ризикот од остро приземјување на турската економија што, пак, значи нагло забавување на порастот, а можеби и рецесија.
Во меѓувреме, во авторски текст во „Њујорк тајмс“ под наслов „Како Турција гледа на кризата со САД“, Ердоган предупредува дека едностраните мерки против Турција од страна на САД, кои се нејзин сојузник со децении, само ќе послужат за „поткопување на американските интереси и безбедност“.
– Пред да стане премногу доцна. Вашингтон треба да се откаже од погрешната претстава дека нашите односи може да бидат асиметрични и да го прифати фактот дека Турција има алтернативи. Ако САД не ја променат својата тенденција кон унилатерализам и непочитување, ќе нѐ натераат да побараме нови партнери и сојузници – наведува Ердоган.
Тој потсетува дека во изминативе децении САД секогаш можеле да сметаат на поддршката на Турција, како во случајот со Корејската војна, кубанската ракетна криза или активностите во Авганистан по терористичките напади на 11 септември, но дека во исто време Вашингтон повеќепати не ја сфатил и почитувал загриженоста на турскиот народ.
– Последниве години нашето партнерство е ставено на испит поради несогласувања. За жал, нашите обиди да ја промениме таквата состојба беа залудни. Ако САД не почнат да го почитуваат суверенитетот на Турција и да докажат дека ја сфаќаат опасноста со која се соочува нашиот народ, нашето партнерство може да биде загрозено – истакнува турскиот претседател.
Според Ердоган, САД продолжуваат со закани кон пријателска земја и санкции кон неколку министри во турската влада.
– Таквите постапки се неприфатливи, нерационални и во крајна линија му наштетуваат на нашето долгогодишно пријателство – заклучува Ердоган. Н.Р.