Угледниот американски магазин „Нешенел интерест“ во еден од своите последни текстови посветени на случувањата во Северна Кореја пишува дека евентуалната смрт на Ким Јонг-ун може да биде искрата што катастрофално би го зафатила целиот свет со немири, кои првенствено би започнале од Корејскиот Полуостров
Набљудувачите на Северна Кореја деновиве одблиску ги следеа вестите за можната смрт на Ким Јонг-ун, но и тоа дали беше или сѐ уште му е „сериозно загрозено здравјето“ по тешкиот медицински зафат, откако се проширија шпекулациите за негов можен наследник. Најголемиот фокус во моментов е насочен кон сестрата на Ким, Ким Јо-јонг, како негова логична наследничка, со надеж дека ќе има мирна транзиција на власта. Сепак, ваквиот исход не е сигурен. Многу зависи од тоа како разните фракции околу Ким Јонг-ун ќе реагираат на нејзиниот подем и дали силите што бараат простор да ја отфрлат династијата на Ким ќе ја искористат евентуалната негова смрт да реагираат, анализира угледниот американски магазин „Нешенел интерест“ во еден од своите последни текстови посветени на случувањата во Северна Кореја.
Во тој случај, според авторот на текстот Ван Џексон, најлошото сценарио би можело да предизвика дури и можна борба за превласт во Северна Кореја, а притоа дури и да ескалира со воен судир меѓу САД и Кина доколку Северна Кореја се дестабилизира. Тој истакнува дека со шансите за внатрешни немири, па дури и граѓанска војна, во рамките на Северна Кореја, мора да се отвори прашањето за безбедноста на севернокорејските нуклеарни оружја.
– Ако избувнат граѓански нереди, американските сили во Јужна Кореја и јужнокорејската војска може да бидат присилени да реагираат северно од корејската демилитаризирана зона (ДМЗ) за да ги обезбедат овие оружја. Американското движење кон реката Јалу лесно би предизвикало одговор од страната на Пекинг – вели Џексон.
Во спротивно, според тврдењето на Џексон, Кина би се спуштила јужно од реката Јалу, за да ги стабилизира внатрешните немири и да спречи наплив на севернокорејски бегалци што е можно во исто време да се носители на ковид-19.
„Нешенел интерест“ наведува дека клучна поента е дека состојбата на Корејскиот Полуостров не се развива во стратегиски вакуум. Можните настани таму и секаков американски одговор на нив ќе бидат одблиску набљудувани од страна на Пекинг и ќе се гледаат низ поширокиот контекст од интензивирање на американско-кинескиот стратегиски натпревар. Според магазинот, се чини дека Кина веќе сака да ги искористи американските слабости по епидемијата на ковид-19, а секаков немир во Северна Кореја драматично ќе го зголеми ризикот од поширок конфликт.
Во меѓувреме, надвор од Корејскиот Полуостров кинеската морнарица одлучно ја тестира американската решителност така што потона виетнамски рибарски брод и нишанеше врз филипинскиот воен брод во Јужно Кинеско Море.
– Американските, австралиските и кинеските поморски сили дејствуваат во непосредна близина околу спорните области, а можен судир би довел до брзо проширување на конфликтот – наведува „Нешенел интерест“.
Питер Џенингс од австралискиот институт за стратегиска политика објаснува дека расте самоувереноста на Кина во однос на намалената воена готовност на САД, која произлегува од пандемијата на коронавирусот. Тој ги нагласува зголемениот притисок на Кина врз Тајван и шансите дека Пекинг може да воведе воена блокада, затоа што насетува дека САД се вртат кон внатрешните проблеми и можеби нема да имаат капацитет за одговор.
– Брза дестабилизација на Корејскиот Полуостров само би ги зголемила ризиците. Соочен со нестабилност во Северна Кореја и со ризикот од поморски конфликт во Јужно Кинеско Море, Пекинг може да пресмета дека сега е време да реагира одлучувачки. Во пресметките ќе спаѓа зголемената ефикасност на капацитетите на антиракетните системи што неодамна ги натераа САД да запрат со постојаното присуство на воени авиони во Гвам, првпат по шеснаесет години – вели Џенингс.
Инаку, гореспоменатото сценарио, според магазинот „Нешенел интерест“, е најлошо, но не и неизбежно. Отсуството на јасен процес на наследување кога навистина ќе почине Ким Јонг-ун драматично ги зголемува ризиците дека таков развој на настаните би можел да предизвика последици што ќе се одразат надвор од изолираната држава. Според „Нешенел интерест“, сегашнава состојба многу потсетува на атентатот над војводата Франц Фердинанд во Сараево во 1914 година, при што евентуалната смрт на Ким Јонг-ун сега може да биде искрата што катастрофално би го зафатила целиот свет.