Земјите кои имаат интереси во долгогодишната граѓанска војна во Либија се договорија во Берлин да го почитуваат ембаргото за оружје кое повеќепати беше прекршено и повеќе да не им даваат помош на завојуваните страни. Договорот е постигнат по четиричасовни разговори чиј домаќин беше германската канцеларка Ангела Меркел.
Во Берлин учествуваа лидерите на 11 земји вмешани во конфликтот во Либија, претставници на ОН, на ЕУ, на Африканската унија и на Арапската лига. Беа присутни и лидерите на двете главни завојувани страни, премиерот на меѓународно признатата влада Фајез Сараж и командантот на силите кои го контролираат истокот на земјата Халифа Хафтар, но не учествуваа на конференцијата.
Учесници на самитот беа претседателите на Франција, Русија и Турција, Емануел Макрон, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган, премиерите на Велика Британија и на Италија, Борис Џонсон и Џузепе Конте и американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Меркел рече дека целта на самитот е „да зборуваат на еден јазик сите страни што на кој било начин се поврзани со конфликтот во Либија, затоа што тогаш сите страни во Либија исто така ќе сфатат дека има само невоен пат до решение“, додавајќи дека „денеска е постигнат тој резултат“.
Таа рече дека резултатите од конференцијата треба да бидат усвоени од Советот за безбедност на ОН и додаде дека учесниците на самитот ќе продолжат да одржуваат редовни состаноци за да им дадат на либиските граѓани право да живеат во мир.
Германската канцеларка, која се состана со двајцата либиски лидери пред самитот, рече дека и Сараж и Хафтар назначиле пет члена на воениот комитет да ги застапуваат на разговорите за постојан прекин на огнот.Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш рече дека комитетот ќе се состане во Женева во наредните денови.
Во завршната изјава на самитот се наведува дека учесниците „ги повикуваат сите актери да се воздржат од какви било активности што би го влошиле конфликтот или се во спротивност со ембаргото за вооружување или прекинот на огнот, како и финансирање на воените ресурси или регрутирање платеници“.