Либанската служба за национална безбедност пред пет месеци почнала истрага по откривањето на големо количество амониум нитрат во пристаништето во Бејрут, објави либанскиот телевизиски канал ОТВ, повикувајќи се на свои извори во службата за безбедност.
Според ОТВ, истрагата утврдила дека супстанциите во хангарот се исклучително опасни. Имајќи го предвид тоа, испратена е наредба да се назначи одговорно лице од државата и пристанишниот орган да преземат мерки за да се спречат какви било инциденти, вклучително и експлозија.
Моќна експлозија го потресе синоќа пристаништето во Бејрут. Гувернерот на Бејрут рече дека половина од зградите во градот се оштетени, а болниците се преполни поради големиот број повредени.
Според Министерството за здравство, повеќе од 4.000 лица се повредени, а над 78 починале. Шефот на генералната служба за безбедност во земјата, генералот Абас Ибрахим, рече дека според прелиминарните податоци, биле активирани експлозивни материи што долго време биле чувани во пристаништето.
Премиерот на Либан, Хасан Диаб, изјави дека експлозијата е предизвикана од несоодветно складирање на 2.750 тони амониум нитрат во пристаништето во Бејрут. Либанската влада прогласи тридневна жалост за жртвите од трагедијата.