Летонските граничари го спречиле обидот на 395 нелегални мигранти да ја преминат границата со Белорусија и да влезат во земјата, изјави шефот на летонската државната гранична служба, Гунтис Пујац.
„До полноќ на 15 август вративме 395 прекршители. Работата продолжува. Беа идентификувани уште две групи кои се обидоа да влезат во Летонија. Овој процес е континуиран. Секој ден граничарите запираат и враќаат назад повеќе од 50 луѓе“, вели Пујац, додавајќи дека граничарите внимателно следат дали на некој од луѓето им е потребна медицинска помош.
Тој нагласи дека Летонија сака да избегне влошување на ситуацијата на границата со Белорусија, посочувајќи дека секој случај на преминување на границата се испитува поединечно, во зависност од ситуацијата.
Според него, нелегалните мигранти не се задоволни од моменталната ситуација и велат дека сакаат да се вратат дома во Ирак што е можно поскоро, но се принудени да ја преминат границата од Белорусија.
„Ние им велиме дека не сме ни Белорусија, ни Ирак и ги испраќаме назад. Сфатија дека ова патување не е она што го очекувале”, рече тој.
Летонија требаше да ја следи Литванија во соочувањето со проблемот со нелегалната миграција од територијата на Белорусија. За да ја заштити границата, Рига ја засили својата контрола и ги мобилизираше ресурсите на државната гранична стража и на вооружените сили. Летонскиот премиер Крисјанис Каринс најави забрзана изградба на инфраструктурата на границата со Белорусија.
Летонската влада на 11 август воведе режим на вонредна состојба на границата што ќе биде на сила до 10 ноември за да им даде овластување на граничарите да ги враќаат мигрантите назад во Белорусија и одобри 1,7 милиони евра за поставување ограда со бодликава жица на границата.