Кина многу почесто се обидува да присвои американски технологии и интелектуална сопственост со помош на компјутерски мрежи, се вели во извештајот на претставникот за трговија при американскиот Стејт департмент, Роберт Лајтхајзер.
– Зачестеноста и степенот на комплексност на кражбите на Кина со користење на кибер операции се засилија од март 2018 година, се вели во извештајот.
САД многупати досега посочуваа на Кина како на една од главните кибер закани.
Управата на Националната контраразузнавачка служба во свој изветај во 2011 година истакна дека хакерите се најактивни со напади на серверите во кои се чуваат информации од одбраната и економијата.
Кина постојaно отфрла секакви обвиненија на своја адреса поврзани со незаконски активности во кибер просторот, посочувајќи на постапки од страна на САД во кинескиот интернет сегмент.
Претседателите на САД и Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг, планираат да одржат средба во рамките на Самитот на Г-20 што кон крајот на месецов ќе се одржи во Аргентина.
За време на неодамнешниот телефонски разговор тие потврдија дека е неопходно брзо решавање на разликите во сферата на трговијата и изразија подготвеност да ги разгледаат овие прашања на средбата.
Трамп изјави дека трговските односи со Кина се од големо значење за САД и дека Вашингтон е подготвен да го зголеми извозот во Кина. Си, од своја страна, нагласи дека треба да се најде такво решение за трговските разлики помеѓу САД и Кина, кое ќе ги задоволи и двете страни.