Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и американскиот државен секретар, Мајк Помпео, разговараа во Финска, по што Лавров повторно предупреди дека американската воена интервенција во Венецуела би била катастрофална и неоправдана, пренесе „Ројтерс“.
Лавров пред новинарите оцени дека состанокот бил конструктивен и направен е напредок во преговорите за стратешката нуклеарна стабилност.
– Се обидевме да не се фокусираме на објавите во јавноста кои немаат многу врска со реалните политики – изјави Лавров.
Тој изрази надеж дека претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, повторно ќе се состанат.
– Претседателите се согласија да се состанат кога ќе се укаже можност. Сигурен сум дека ќе има такви можности. Кремљ ќе ве извести за тоа – изјави Лавров.