Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја отфрли можноста за прекројување на границите на територијата на поранешна Југославија.

На заедничката прес-конференција по разговорите со српскиот колега Никола Селаковиќ, Лавров рече дека идејата за „Голема Албанија“ како форма на решавање на косовскиот проблем, како и изјавата на словенечкиот премиер Јанез Јанша дека распадот на Југославија уште не е завршен се неприфатливи, многу штетни и провокативни.

– Разговорите за голема Албанија не се појавија денес, ние секогаш ги повикуваме нашите партнери од ЕУ и НАТО да ги пресечат таквите планови и да не дозволат да се форсира таква реторика. Тоа е многу опасна игра. Постои Резолуција 1244, која не е укината, а одговорните политичари, особено шефовите на владите на европските земји, немаат право да презентираат идеи што го поткопуваат самиот концепт утврден во Резолуцијата 1244 – рече Лавров.

Тој потсети дека Резолуцијата го почитува суверенитетот на Србија, како и дека статусот на Косово треба да се најде во преговорите меѓу Белград и Приштина .

– Како што рече претседателот Путин, ние ќе го поддржиме секое решение што и одговара на Србија – рече Лавров.

На прашањето дали Вашингтон врши притисок врз Србија да се приклучи кон санкциите против Русија, тој рече дека „секогаш има притисок“, но дека позицијата на Србија нема да се промени, бидејќи „никогаш нема да воведе санкции за Русија“, рече Селаковиќ

– Русија е наш стратешки партнер, наш пријател кој постојано нѐ поддржува – додаде Селаковиќ, кој денес ја завршува дводневната посета на Русија.


Јанша го негира нон-пејперот: Тој документ не постои

Нема документ, па дури и нон-пејпер, со кој Словенија би се залагала за промена на границите на Балканот, е пораката што словенечкиот премиер Јанез Јанша му ја пренесе на членот на Претседателството на БиХ, Сефик Џаферовиќ.

Како што беше соопштено од Претседателството на БиХ, Јанша во текот на денот го повикал Џаферовиќ за да ги разјасни шпекулациите за наводниот документ што би се залагал за поделба на БиХ, но и за промена на границите на другите земји во регионот.

Копија од наводниот документ беше објавена на англиски јазик од словенечки портал, но без да се објасни кој го составил и на кого бил упатен, пишуваат агенциите од регионот.

– Словенечкиот премиер Јанез Јанша го извести членот на Претседателството на БиХ Сефик Џаферовиќ дека нема нон-пејпер што може да биде поврзан со словенечката влада, што би вклучувало прекројување граници или кршење на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина – се вели во соопштението од претседателството на БиХ.

Од таму истакнуваат дека Јанша ја пренел пораката дека Словенија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, како и нејзиниот евроатлантски пат, целосно почитувајќи го Дејтонскиот мировен договор.

Во телефонскиот разговор, Џаферовиќ рекол дека секоја приказна за етничките и територијалните поделби на Босна и Херцеговина треба да се спречи на самиот почеток, и дека единствениот начин за БиХ е нејзината понатамошна внатрешна реинтеграција и евро-атлантска интеграција.

Јанша и Џаферовиќ разговарале и за претстојното претседателство на Словенија со Советот на Европската Унија, кое започнува во јули, како и претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, чиј домаќин ќе биде Словенија и чија главна тема треба да биде забрзување на интеграцијата на регионот во Европска Унија.