Државите членки на Европската унија трпат загуби кои надминуваат 100 милијарди долари како последица на антируските санкции што ги диктираат САД, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
– Постојат различни проценки за загубите што ги сноси ЕУ поради санкциите. Според некои проценки, тие загуби надминуваат 100 милијарди долари – изјави шефот на руската дипломатија во интервју за шпанскиот весник „Паис“.
Тој додаде дека европски земји и вовеле санкции на Москва под директно влијание на Вашингтон.
– Треба да се истакне дека Американците не трпат никакви загуби во оваа ситуација – истакна Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи нагласи дека околностите на односите помеѓу Русија и ЕУ не можат да се сметаат за нормални, додавајќи дека „митската руска закана“ на Европејците главно е наметната од надвор.
– Објективно, санкциите не се од корист ниту за Русија, ниту за ЕУ. Важно е европските политичари тоа конечно да го сфатат – посочи Лавров.
Според него, Москва повеќепати изразила подготвеност да ги укине руските контрамерки, но дека ЕУ треба да го направи првиот чекор, бидејќи „тие први ја почнаа спиралата на санкции“.