Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија е подготвена на прекин на односите со Европската Унија. До прекин на односите со ЕУ би можело да дојде доколку Брисел воведе санкции ризични за чувствителните сфери на економијата, наведе Лавров.
– Нашата почетна точка е дека сме подготвени за тој чекор во случај да забележиме, како што можевме да видиме во неколку наврати претходно, дека се подготвуваат санкции што ќе создадат ризик за нашата економија – посочи тој.
Лавров изјави дека Русија не сака да се изолира од светот, но дека е потребно да биде подготвена за најлошото можно сценарио. Како што рече: „Ако сакате мир, подгответе се за војна“.
Претходно, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по посетата на Москва, изјави дека Европската унија и Русија се наоѓаат во историска пресвртница по прашањето за меѓусебните односи.
Борел тогаш откри дека во одредени моменти имал многу напнати разговори со рускиот шеф на дипломатијата и оцени дека состанокот и некои пораки од руски официјални лица покажале дека Европа и Русија се оддалечуваат.
– Изборот што ќе го направиме ќе ја одреди меѓународната динамика на моќта во овој век: дали ЕУ ќе се движи кон покооперативен или поларизиран модел во односите со Русија, дали ќе се заснова на отворени или затворени општества – рече Борел за време на неговиот извештај до Европскиот парламент, во врска со неговата посета на Русија.