Русија за време на Генералното собрание на ООН ги повика сите земји да ја поддржат изјавата за недозволивост на нуклеарната војна.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека за да спречи понатамошна ескалација на тензиите, Русија презела голем број иницијативи.
– Претседателот Владимир Путин објави одлука да не се распоредуваат ракети со среден и краток дострел во Европа и другите региони, доколку Американците се воздржат од тоа. Поканети се САД и НАТО да се приклучат на овој мораториум. Во неколку наврати ние му предложувавме на Вашингтон да ги започнеме преговорите за продолжување на Договорот за намалување на стратешкото офанзивно оружје – рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија најави дека Русија на тековната седница на Генералното собрание на ООН ќе поднесе предлог-резолуција за зајакнување на контролата на оружјето.