Таа била индонезиска куќна помошничка, која заработувала 435 американски долари месечно, работејќи за едно многу богато сингапурско семејство.
Тој бил нејзин работодавец, титан на сингапурскиот работен естаблишмент и претседател на неколку од најголемите компании во земјата.
Еден ден неговото семејство ја обвинило куќната помошничка за поткрадување. Ја пријавиле во полиција и покренале судска постапка.
Парти Лијани неодамна е ослободен од оваа тужба.
– Многу ми е драго што конечно сум слободна. Се борев четири години – вели помошничката.
Нејзиниот случај покрена многу прашања за нееднаквост во системот за правда на Сингапур.
Парти првпат почнала да работи во домот на Лиев Мун Леонг во 2007 година, каде што живееле неколку членови на семејството, вклучувајќи го и неговиот син Карл.
Во март 2016 година, Карл Лиев и неговото семејство се преселиле во друга куќа, а судските записи велат дека Парти повеќепати била замолена да ја чисти и новата куќа и канцеларија, што е кршење на локалниот закон за работно место.
Неколку месеци подоцна, семејството Лиев ѝ соопштило на Парти дека е отпуштена поради сомнеж за кражби. Таа добила два часа да се спакува и уште истиот ден летала за дома. Додека се пакувала се заканила дека ќе се жали до властите затоа што било барано од нејзе да чисти и друга куќа. Семејството Лиев пред нејзиното заминување ги провериле нејзините кутии и пронашле предмети што им припаѓаат ним, по што поднеле тужба.
Не можела да работи зашто била под кривична истрага, па останала во прифатилиште за мигрантски работници за да преживее.
Парти е обвинета дека украла различни предмети од семејството Лиев, вклучувајќи и 115 парчиња облека, луксузни женски чанти, ДВД-плеер и часовник.
Пресметано било дека предметите се вредни 34.000 сингапурски долари. Во текот на судењето таа тврдела дека тоа се предмети што биле фрлени или пак дека не ги спакувала сама во кутијата. Судијата во 2019 година ја прогласил за виновна и ја осудил на две години затвор.
Сигапурскиот суд дури месецов ја ослободи од затвор. Судијата Чен Сенд Он заклучил дека семејството имало „нечесен мотив“ кога ја поднеле пријавата против нејзе, а истакнал и дека неколку институции, како што се полицијата, тужителите, па дури и претходниот судија, нечесно го воделе овој случај. Тој рекол дека постои сомневање дека семејството Лиев ја поднеле пријавата само за да ја спречат Парти да поднесе жалба дека ја терале да чисти во неколку куќи. Судијата истакнал дека предметите што биле украдени веќе не работеле, како што е часовникот и двата ајфона, и дека е необично да се крадат расипани предмети. Слично било и со ДВД-плеерот, кој исто така не работел, а женската облека била спорна затоа што било нејасно зошто Карл во својот дом има толку многу женска облека. Полицијата, исто така, не обезбедила преведувач при испитувањето.
Случајот предизвика голем гнев кај јавноста, која го осуди семејството Лиев, обвинувајќи ги дека ова е класичен случај во кој богатите ги малтретираат сиромашните. После јавното незадоволство, Лиев Мун Леонг соопшти дека се повлекува од позицијата претседател во неколку компании.
Случајот покренал ревизија врз полицијата и обвинителите, а министерот за правда посочил дека „нешто тргнало наопаку во целиот случај“.
Овој случај укажува и на праведниот пристап кон мигрантските работници. Парти можела да остане во Сингапур и да се бори за својот случај поради поддршката од невладини организации, а исто така и адвокатот работел за неа бесплатно. Повеќето мигрантски работници најчесто се откажуваат од тужбите затоа што не можат финансики да ги покријат.
– Сега сакам да се вратам дома во Индонезија. Им простувам на своите работодавачи. Само им порачувам да не им го прават ова и на други работници – порача Парти.