Австрискиот канцелар Себастијан Курц одби да дозволи Австрија да прима бегалци од опожарениот бегалски камп Морија, на грчкиот остров Лезбос.
Во видео порака објавена на Фејсбук, Курц истакна дека не може да го прифати недостојниот систем за човештвото од 2015 година, кога започна мигрантската криза.
Тој најави дека Австрија ќе помогне на самото место за да се обезбеди достоинствено снабдување на луѓето.
– Не станува збор само за Морија, туку и за други места во светот – рече австрискиот канцелар.
Тој посочи дека ќе се залага за унифициран пристап на ниво на ЕУ.
– Она што не ни треба е симболична политика – подвлече Курц, алудирајќи на германско-француската иницијатива за прием на мали деца од кампот Морија.
Според него, потребна е постојана поддршка за погодените региони, економска перспектива за африканскиот континент и ефективна заштита на надворешната граница на ЕУ.
– Имаше ужасни слики на железничката станица во Будимпешта летото 2015 година, што доведе до тоа европската политика да подлегне на притисокот и да ги отвори границите. После тоа, најпрво тргнаа илјадници, па десетици илјади, и на крај еден милион луѓе, а шверцерите заработија пари. Огромен број луѓе се удавија на море – рече Курц.
Канцеларот во видео пораката негираше дека Австрија не прави ништо за бегалците.
Тој потсети дека Австрија годинава прими 3.700 деца, што е околу 100 деца неделно, кои добија позитивно решение за азил.