Транспортниот брод „Евер гивен“, кој заринка неодамна и го блокира Суецкиот Канал, клучен поморски пат, конечно е ослободен и е свртен во „вистинската насока“.
Ова, меѓу другото, го соопшти управата на Суецкиот Канал, која информира дека бродот „Евер гивен“ на компанијата „Евергреен“, по шест дена блокада, со тешки напори е вратен на позицијата од која може сега да исплови. Според пишувањата на медиумите, контејнерскиот брод долг 400 метри, кој заглави во песокот на брегот на Суецкиот Канал, делумно бил погоден од силни ветрови и песочни бури што му ја намалиле видливоста. Но египетскиот генерал Осама Раби, извршен директор на каналот, во исто време смета дека временските услови не можат да бидат единствена причина и дека ќе се истражува можноста за човечки или технички грешки што можело да доведат до несреќа.
Хрватски „Јутарни лист“ за случувањата во Суецкиот Канал пишува дека во просек околу 50 брода минуваат низ каналот дневно, а поради доцнењето предизвикано од „Евер гивен“, повеќе од 300 брода во овој период чекаат да поминат низ каналот во двете насоки. Медиумот наведува дека некои бродови веќе тргнале по заобиколен пат околу Африка, покрај ’Ртот на Добрата Надеж, со што го продолжиле своето патување од пет до десет дена. Бидејќи поголемиот дел од светската економија зависи од испораката во последен момент, а контејнерскиот сообраќајот е планиран до последна минута, сегашниот ќор-сокак може да предизвика проблеми во производството и снабдувањето во Европа и во САД во наредните денови и недели, а економската штета ќе може да се пресмета откако „Евер гивен“ ќе се тргне во целост. Инаку, Суецкиот Канал е еден од најважните поморски патишта за светската трговија, низ кој поминуваат дури 12 проценти од вкупната светска поморска трговија годишно и дури 30 проценти од вкупниот сообраќај со контејнери. Тоа е главната поморска маршрута што ги поврзува Азија и Европа, и источно САД.