Секој нов инцидент и криза, поттикнати од почнатата војна на исцрпување во Персискиот Залив и поширокиот Блиски Исток, се закануваат да се претворат во голема отворена сунитско-шиитска војна, наведува „Геополитика“
Судирот помеѓу блискоисточните регионални актери собрани околу Иран, како најмоќната сила на шиитскиот блок, и Саудиска Арабија, која се наметнува како предводник на сунитските арапски држави, се претвора во бескрајна сунитско-шиитска војна на исцрпување преку посредници.
Конфликтот има цел економски, а со тоа и политички да го замори Иран и да ја отвори вратата за евентуална промена на власта во Техеран или за директен воен судир, оценува порталот „Геополитика“.
Секој нов инцидент и криза, поттикнати од почнатата војна на исцрпување во Персискиот Залив и поширокиот Блиски Исток, се закануваат да се претворат во голема отворена сунитско-шиитска војна. Иран реагира на економскиот, воениот и дипломатскиот удар на своите регионални и витални државни интереси, како и на обидот за неговата изолација, кои го предводат САД и Британија, со помош на Саудиска Арабија и нејзините регионални сојузници како посреднички сили.
Кон средината на минатата година, американската политика почна да го проширува режимот на санкции против Иран, удирајќи пред сѐ на иранското производство и продажба на нафта, најавувајќи санкции за сите компании што ќе работат со Техеран. Исто така, беа поставени и барања за повлекување на иранските сили од Сирија, и прекинување на секоја помош за либанското шиитско движење Хезболах. Од друга страна, одговорот на Иран беше очекуван. Иранските власти предупредија дека ако Иран не може да ја продава и транспортира својата нафта, тогаш тоа нема да може да го направи никој од Персискиот Залив, најавувајќи ја можноста за блокада на поморските патишта во заливот и на Ормутскиот Теснец.
Целата тежина на спротивставувањето на Иран е префрлена врз американскиот регионални сојузници, како врз посреднички сили на кои САД им обезбедува дипломатска и воена помош. Вашингтон, исто како и Лондон и нивните западни партнери, во оваа фаза од конфликтот со Иран избегнува директен воен судир и работите ги префрла врз регионалните сојузници, пред сѐ врз Саудиска Арабија, вовлекувајќи ги на тој начин сите блискоисточни држави во посредничка војна на исцрпување со Техеран.
Па, така, настаните на Блискиот Исток сѐ појасно го покажуваат судирот помеѓу Саудиска Арабија и нејзината арапско-сунитска коалиција со Иран и неговите шиитски сојузници како тлеечка сунитско-шиитска војна, која засега главно се води преку државни и парадржавни регионални играчи, а како што одминува времето и се зголемува американскиот притисок кон Техеран, така сѐ поголеми се шансите за отворена војна по религиозни линии. Целта е да се создаде токму таква слика – дека станува збор за религиозен судир, а не за војна за регионалните богатства и геополитичките позиции на најголемите светски сили.
Претворањето на конфликтот со Иран во шиитско-сунитски конфликт, всушност, е еден од начините на кои иранските регионални противници може да се обидат да соберат доволно сила за парирање на иранските воени потенцијали, а во тоа да не биде вклучен и Израел. На тој начин, евентуалниот воен конфликт со Иран би изгледал како внатрешна работа на исламскиот свет и привиден религиозен конфликт. Медиумските инструменти за креирање на јавното мислење многу брзо би создале слика за нова фаза од историскиот, повеќевековен сунитско-шиитски конфликт, со што би се скриле вистинските геоекономски и геополитички причини за војувањето. Зад сето тоа стои потребата на Западот за обезбедување извори на енергенти, над кои е воспоставена ефективна контрола и потиснување на сите други, што не се под контрола на САД, Британија и нивните западни сојузници.
Стратегијата на трансформирање на американскиот и западниот конфликт со Иран во регионална сунитско-шиитска војна има повеќе ефекти во корист на американските и западните интереси. Пред сѐ, ако некој војува со Иран, тоа ќе бидат сунитските муслимани, а не САД и Европејците.