Полицијата во Русија трага по крадците кои извршија грабеж во рускиот воен авион од времето на Советскиот Сојуз, Ил-80, познат како „авион на судниот ден“, пренесува „Ројтерс“.
Ова е еден од четирите авиони дизајнирани да издржат електромагнетни импулси и се речиси без прозорци за да спречат екипажот и патниците да бидат заслепени од ефектите на нуклеарна експлозија.
Во тек е потрага по виновниците во јужниот регион Ростов, а полицијата досега не пријавила апсења. Полицијата соопшти дека леталото било на аеродром во градот Таганрог, но не даде детали за украдената опрема, освен дека нејзината проценета вредност изнесува над 11 илјади евра.
Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, ја опиша кражбата како „итна ситуација“ најавувајќи преземање на мерки кои ќе спречат вакви инциденти во иднина.
Руската телевизија РЕН објави дека во одделот за товар биле пронајдени отпечатоци од чевли и прсти, а биле испрашани 12 лица како дел од истрагата која беше објавена вчера. Се шпекулира дека службеници со пристап до аеродромот можеби стојат зад кражбата.
Руски воени експерти шпекулираат дека кражбата е извршена затоа што некои од украдените единици се состојат од благородни метали како злато и платина.
– Радио опремата на Ил-80 најверојатно била цел на крадците поради вредноста на материјалите. Ова е честа појава во Русија – изјави воениот експерт Михаил Ходаренок.
Ил-80 служи како стратешки команден авион на руските вооружени сили во случај на нуклеарен конфликт. Авионот бил прегледан во петокот наутро и биле откриени траги од отворање на одделот наменет за товар.
„Авионите на судниот ден“ се наменети за претседателот, министерот за одбрана и другите членови на највисокото воено раководство во случај на нуклеарен конфликт, доколку се уништат или оштетат контролните структури на теренот.
Загубата на опремата од времето на Советскиот Сојуз веројатно го направила авионот неупотреблив.
Инцидентот се случил откако претседателот Владимир Путин одобри огромни средства за модернизација на руската војска во услови кога има зголемени тензии со Западот, кои се на највисоко ниво од крајот на Студената војна досега.