Прашањето на Тајван и денес останува прв приоритет за Кина. Историјата не се одвиваше по очекувањата на американскиот државен секретар Хенри Кисинџер. Ричард Никсон ја посети Кина како што беше планирано, Тајван беше отстранет од Обединетите нации, a САД го поништија договорот за заедничка одбрана со Тајван од 1954 година во претседателскиот мандат на Џими Картер. Но лобирањето за Тајван во американскиот Конгрес му „фрли јаже за спасување“ на Тајпеј во 1979 година, во актот за односите со Тајван, пишува колумнистот на „Блумберг“ Најл Фергусон во авторскиот текст насловен „Тајванска криза би можела да го означи крајот на американската империја“.
Актот наведува оти САД ќе го сметаат „секој обид за одредување на иднината на Тајван преку цели кои не се мировни, вклучувајќи и бојкоти и ембарга, за закана за мирот и безбедноста на подрачјето на Западен Пацифик, како и за САД. Ваквата ситуација во која САД не го признаваат Тајван за независна држава, но истовремено ја гарантираат неговата безбедност и де факто автономија, претставува неприфатлива за Кина. А, сепак, тежата на моќта се смени од 1971 година, кога Кина беше сиромашна. Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека кинескиот БДП ќе изнесува три четвртини од американскиот. Истовремено и Тајван оствари економски напредок.
Трамп ја сметаше Кина главно како закана за американските работни места, а поранешниот државен секретар Мајк Помпео го критикуваше Пекинг за низа прашања, од технологиите на „Хуавеи“ до Хонгконг и потеклото на вирусот ковид-19. На таа листа беше додаден и Тајван.
По доаѓањето на администрацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја смета Кина не само за стратешки ривал, туку и за прекршител на човековите права. Во повеќе аспекти, континуитетот со стратегијата на Трамп за Кина е зачудувачки. Трговската војна не заврши, ниту пак технолошката војна.
– Додека американските власти додаваат теми на списокот на прашања што ги загрижуваат Кина постепено го зголемува капацитетот за освојување на Тајван. Како ученик на историјата, да го цитирам Кисинчер – тоа е многу опасна ситуација. Американската посветеност кон Тајван се засили вербално, додека на воен план ослабува – пишува Фергусон.
Состанокот на Алјаска помеѓу американските и кинеските претставници одржан во четвртокот немаше шанса да претставува нов почеток за кинеско-американскиот стратешки дијалог. Деновите на дипломатијата во која двете страни победуваат се поминати. Останува прашањето колку бргу администрацијата на Бајден би можела да се најде соочена со тајванска криза, без разлика дали би станувало збор за благ „карантин“, потполна блокада или изненадувачка инвазија, заклучува авторот.