Џозеф Мегваер воздивнуваше по тричасовното испрашување од страна на членовите на американскиот Конгрес. Поранешниот припадник на морнаричките „фоки“, кој како в.д. на директор на националното разузнавање се најде во центарот на кризата што може да доведе до импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп, во повеќе наврати беше прашан за неговата одлука за прикривање на тврдењата на свиркачот, пишува „Фајненшл тајмс“.
Мегваер истакна дека го примил приговорот од свиркачот на вториот ден од вршењето на функцијата, во текот на испрашувањето кое траеше три и пол часа. Овој настан спаѓа меѓу откритијата поврзани со обидите на Трамп да го убеди неговиот украински колега да му даде „валкани информации“ за поранешниот американски потпретседател Џо Бајден.
Непосредно пред испрашувањето, Комитетот за разузнавање на Конгресот го објави декласифицираниот приговор, во кој меѓу другото се тврди оти Белата куќа искористила класифициран систем за чување на информации за да го прикрие транскриптот од телефонскиот разговор помеѓу Трамп и Владимир Зеленски од 25 јули.
Еден од членовите на комитетот го запраша Мегваер „зошто толку долго молчел кога разузнавач за кој е задолжен тој, бил исмеван од претседателот и бил обвинет за потенцијално предавство на државата“.
Во текот на испрашувањето демократите се насочија кон иницијалната одлука на Мегварер да не го сподели приговорот на свиркачот со Конгресот, наместо на содржината на приговорот, додека републиканците имаа пофалби за биографијата на Мегваер и за неговото постапување со приговорот.
При крајот на сослушувањето додека претседателот на комитетот се обидувал да го принуди Мегварер да признае оти обвинувањата на свиркачот се повод за понатамошна истрага, директорот на националното разузнавање, земајќи длабок здив, кажал „претседателе, коњот ја напушти шталата. Ги имате сите информации“.
Претседателот на комитетот потоа заклучил дека постапките на Трамп претставувале „сериозно негирање на демократијата“, на што Трамп преку Твитер одговори дека првиот човек на комитетот има „нула-кредибилитет“.