Дерек Шовен работел за полицијата во Минеаполис повеќе од 18 години. А потоа, во една иста недела, беше снимен како клечи врз вратот на Џорџ Флојд осум минути пред тој да почине, а потоа доби отказ и беше обвинет за убиство, објавува Си-ен-ен. По сите овие случувања, демонстрантите низ САД бараат правда за Флојд и одговорност за Шовен, кој треба да се појави пред судот во текот на месецов.
Познато е дека против Шовен имало 18 поднесени жалби до одделот за внатрешна контрола на полицијата во Минеаполис. Само две од жалбите биле решени со дисциплински мерки. Во двата случаја Шовен бил прекорен. Поранешниот полицаец Тоу Тао кој исто така учествувал во апсењето на Флојд, се соочувал со шест жалби, а против другите двајца полицајци кои беа присутни при приведувањето немало жалби.
Шовен и Флојд своевремено работеле како обезбедување во ист ноќен клуб. Флојд бил со повремен ангажман, додека Шовен бил дел од обезбедувањето 17 години. Според сведоците, „тие не се познавале добро, но извесно е дека се сретнале“.
Еден ден по апсењето на Шовен, адвокат на неговата сопруга Кели поднел барање за поништување на нивниот брак, во кој немаат деца.
Шовен моментно се наоѓа во затворот со максимално обезбедување „Оук Парк Хајтс“ во Минесота. Тој бил префрлен таму поради безбедносни причини, за да се избегне контакт со другите затвореници по бројните апсења за време на протестите, како што соопштија надлежните служби.