Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД планираат бргу да се повлечат од Сирија, на општо изненадување, бидејќи ваквата најава е во спротивност со американските интереси, односно нејзината реализација би можела да оди во прилог на Русија и на Иран, објавува Си-ен-ен.
Американските трупи прво се бореа заедно со сириските Курди против Исламската држава (ИД) во северна Сирија. Борбата се ближеше кон крајот, а Американците можеа да останат во пустината на неодредено време, бркајќи ги милитантите. Но, ИД успеа да се регрупира и борбата не беше завршена.
Се проценува дека САД ги држеа сириските Курди под контрола, кои и покрај вооружувањето од нивните партнери, немаа можност да ја напаѓаат Турција додека Американците беа присутни на подрачјето.
А веројантно најважната улога на САД претставуваше своевидното блокирање на влијанието на Иран и на Русија во Сирија. Иран се соочува со обвинувања (кои ги негираше) за испраќање оружје на Хезболах во Либан, додека Русија би можела да профитира бидејќи ќе остане водечка воена сила во поствоена Сирија.
Ваквата ситуација доведува до прашањето зошто Трамп ја донесе одлуката за повлекување, која беше објавена десет минути откако ИД презема одговорност за напад во Рака.
Тајмингот е специфичен, особено бидејќи турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во повеќе наврати се закани дека ќе испрати трупи за да ги потисне сириските Курди. Единствено што го спречуваше, беше ризикот дека американските сили ќе бидат опфатени во борбите.
Повлекувањето на САД е неочекувано и во спротивност со американските интереси, со што многумина ќе се прашуваат зошто е донесена ваквата одлука, се наведува во анализата на Си-ен-ен.