Автор: Метју Левит

Политико

Откако САД го ликвидираа иранскиот генерал Касим Сулејмани на почетокот од месецов, Иран остана без еден од најисклучителните лидери и со тоа се отворија нови прашања за иранската стратегија на градење и одржување на моќта во регионот. Без неговиот харизматичен и популарен командант, дали Иран ќе биде принуден да се повлече или ќе најде нови начин да го возврати ударот?

Сулејмани беше важен затоа што ги водеше единиците Кудс, продолжената рака на иранскиот корпус на Револуционерната гарда, и ќе биде многу тешко да се најде негова достојна замена, но Иран веќе се фрли на работа. Првиот кандидат беше генералот Исмаил Кани, заменикот на Сулејмани, кој веднаш беше унапреден во нов командант на силите Кудс. Оваа недела Иран соопшти уште едно ново и впечатливо унапредување, а тоа е новиот заменик-командант, генералот Мухамед Хусеин-Зада Хеџази, кој неодамна застана на чело на либанскиот корпус на силите Кудс, а претходно управуваше иранските врски со Хезболах и со активистите на Кудс во Левантот.

Сега Иран развива нова стратегија за водење на она што ајатолахот Али Хамнеи го нарекува „борци без граници“. Бидејќи ниеден командант не може да биде достојна замена за Сулејмани, со иранската мрежа на платенички сили сега ќе раководи комитет, додека единиците Кудс бараат поискусни лидери да бидат колективна замена на Сулејмани. Клучна улога ќе одиграат лидерите на иранските платенички групи, особено Хасан Насралах од Хезболах.

На некој начин, Сулејмани се докажа како единствената слаба точка на Иран, така што неговото убиство остави преголема празнина во иранската регионална стратегија. Харизматичниот лидер ја разви посветеноста на лидерите и пешадиските војници кај иранските платенички групи и играше директна и лична улога во клучните операции, формираше лични врски со командантите на паравојските и наоѓаше компромиси околу несогласувањата.

Неговиот наследник Исмаил Кани нема ист капацитет да ја преземе неговата улога. Повеќе смирен бирократ отколку харизматичен лидер, Кани веројатно нема да ги исполни обврските како неговиот претходник, затоа што денес најважната зона на операции за силите Кудс е Левантот. Кани беше еден од главните заменици во корпусот Ансар за Авганистан, Пакистан и Централна Азија во Кудс, а поради тоа има слабо познавање од арапскиот свет. Американското министерство за финансии во 2012 година го стави на терористичката листа, поради неговата улога на логистичар кој испраќал пари и оружје во либански Хезболах, како и до елементите на силите Кудс во Африка. Кани наводно не зборува арапски и не би бил соодветен главен командант на силите и воедно да раководи со операциите на иранските платеници во Ирак, Јемен, Сирија и Либан.

Хеџази може да се пофали со долга кариера во единиците Кудс во кои наводно се приклучил во нивното основање во 1979 година. Следната година станал дел од силите ИРГЦ заедно со Сулејмани и Кани, кои биле испратени да се борат против иранските курдски групи на северот. Хеџази напредувал во ранговите, станал заменик, а потоа и командант на правојската Басиџ на ИРГЦ повеќе од девет години, која наводно во овој период прекршила многу човекови права.

Во септември 2007 година, Хеџази бил назначен за врховен командант на ИРГЦ, а по еден месец САД го ставија на терористичката листа, поради неговата улога во ширење на оружја за масовно уништување. Тој исто така го предводел корпусот Саролах во Техеран, за кој Европскиот совет смета дека „одиграл клучна улога во послеизборните немири“ во 2009 година. Исто така Советот тврди дека Хеџази испратил писмо до министерството за здравство на 26 јуни таа година, со кое забранил отворање на медицински досиеја и документи на повредени или хоспитализирани токму за време на немирите“, поради што доби санкции од ЕУ во 2011 година за кршење на човекови права. Како што иранската стратегија стануваше поагресивна во регионот, така Хеџази беше назначен на чело на „Одделот 2000“ на Кудс за операции во Левантот. Покрај поддршката за Хезболах, нивната задача беше поддршка за палестинските терористички групи како Хамас и ПФЛП-ГЦ, како и за режимот на Асад во Сирија. Иранската стратегија исто така опфаќаше испраќање на целосно склопени ракети со висока прецизност наменети за Хезболах, но потоа почна да испраќа делови за да бидат склопени во Либан. Лани израелското министерство за одбрана го обелодени овој проект на чие чело бил и Хеџази, кој заедно со неговото семејство добил прекоманда во Либан.

Трет кандидат е генералот Абдел Реза Шахлаи, кој е актуелен висок офицер во силите Кудс во Јемен, но има огромно искуство од Ирак. Шахлаи наводно бил назначен да води операција во Јемен на истиот ден кога загина Сулејмани, но преживеа и сега се крие. Тој исто така беше ставен на американската терористичка листа во 2011 година поради заговорот за атентат на саудискиот амбасадор во Вашингтон, и за него има премија од 15 милиони долари за негово апсење. Според Стејт департментот, Шахлаи е познат по тоа што негови цели биле американски државјани и сојузници.

Промовирањето на вешт и успешен генерал како Хеџази, кој има искуство во Левантот и дома покажа тврдокорни ставови, ги истакнува шансите дека силите Кудс во иднина ќе продолжат со агресивната, регионална офанзива на Сулејмани за несиметрична платеничка војна. Наместо да се повлече, Иран сигнализира дека најверојатно уште повеќе ќе се потпира на „борците без граници“ како средство за наметнување на влијанието во регионот.

Превод: Билјана Здравковска