Според познавачите на состојбите, во моментов е нејасно како ќе се развива натаму состојбата во Белорусија. Тие се поделени во размислувањата за кризата во која земјата западна по изборите, каде што некои од нив тврдат дека протестите се „оркестрирани“ од Западот, а други, пак, дека победата на Лукашенко е чиста местенка
По изборите Минск пред нови искушенија
И додека претседателот на Белорусија Александар Лукашенко тврди дека ги добил претседателските избори со над 80 проценти од гласовите, а неговиот главен предизвикувач Свјатлана Циханускаја го отфрли тој резултат како фалсификуван, низ улиците во земјата веќе четврти ден беснеат демонстрации против официјалните изборни резултати соопштени од изборната комисија. Набљудувачите на случувањата во државата велат дека геополитичката позиција на земјата, која е помеѓу Русија на Исток и ЕУ и НАТО на Запад може да биде од голема штета за актуелниот претседател Лукашенко, доколку тој не успее да добие вистинска поддршка или ако се соочи со голем предизвик од некоја од двете страни.
Сепак, според познавачите на состојбите, во моментов е нејасно како ќе се развива натаму состојбата во Белорусија, па некои од нив се поделени во размислувањата за кризата во која земјата западна по изборите. Едни велат дека истата е „оркестрирана“ од Западот и е со намера да се смени долгогодишниот претседател Лукашенко, кој е во блиски релации со Москва, додека другите го тврдат, пак, сосема спротивното, а тоа е дека изборите во Белорусија биле фарса, а победата на Лукашенко е чиста местенка.
Во меѓувреме, Москва е релативно тивка, очигледно чекајќи да види што ќе се случува меѓу власта на актуелниот лидер, кој досега ја имаше руската помош во изминатиов четврт век и сè поголемиот број граѓани, кои се спротивставија на неговото владеење.
– Москва, како и сите други, претпоставува дека Лукашенко сепак уште многу години ќе владее – вели Марк Галеоти, експерт за Русија од Лондон. Тој додава дека за време на 26-те години на власт на Лукашенко, економската стабилност на Белорусија беше во тесна врска со милијардите долари руски субвенции, вклучувајќи и постојаното снабдување со евтина сурова нафта што Минск ја купуваше со попуст, а потоа како рафинирана или како нафтени производи ја извезува во Европа. Таквиот договор на Лукашенко му даваше стабилност меѓу Москва и Европа сиве овие години.
Од друга страна, според рускиот сенатор Олег Малниченко, обидите за државен удар во Белорусија, кои започнаа преку протестите во Минск по изборите, а потоа се проширија и во другите белоруски градови, се организирани од западните земји вклучувајќи ја и Америка. Рускиот сенатор за агенцијата „Спутник“ тврди дека целата за влошување на внатрешната состојба во поранешната советска земја е проѕирна и таа е насочена кон едноставно рушење на демократијата и стабилноста на рускиот сосед со намера за понатамошна дестабилизација на регионот.
– Мислам дека опозицијата е подготвена за долга борба. Притоа гледаме првпат во историјата на Белорусија дека блокадите на владините институции од демонстрантите се прави на различни локации. Со овие чекори засега успешно се справи полицијата и ја доби првата рунда со демонстрантите. Сепак, мислам дека кризата во земјата допрва започнува – изјави Малниченко за „Спутник“. Тој додаде дека дирекциите на демонстрантите доаѓаат од Европа и од САД преку технолошки софистицирани апарати.
Паралелно на ова, како што пренесува РСЕ, пристапот до интернет во земјата сѐ уште е нарушен откако на денот на гласањето беше исклучен, а на независните набљудувачи им беше забрането во некои случаи да го следат гласањето, а во некои дури беа и притворени. Во исто време дел од некои земји-членки на ЕУ се заканија со санкции кон власите од Минск. Предходно, пак, за време на кампањата Лукашенко на воениот собир во западниот град Брест ја повика војската да ги задуши граѓанските немири и да го „заштити суверенитетот“ од „хибридни закани“.
Сепак, за ниту еден избор во Белорусија од моментот кога Лукашенко дојде на власт во 1994 година, Западот и меѓународните институции не оценија дека се фер. Досега исто така мисијата за набљудување на изборите во земјата ОБСЕ никогаш не даде зелено светло за легитимитетот на гласањето во Белорусија низ годините наназад дека тие биле демократски, слободни и фер.
Покрај тоа, пандемијата на коронавирусот продолжува да бара жртви во Белорусија, со повеќе од 65.000 потврдени инфицирани лица и скоро 500 смртни случаи. Актуелниот претседател Лукашенко, кој на почетокот на епидемијата негираше дека вирусот се шири низ целата земја, подоцна во месеците беше критикуван поради невоведување построги здравствени мерки. Дописничката на „Би-би-си“ од Москва, Сара Рајнсфорд, истакнува дека протестите за изборниот процес дополнително го привлекоа вниманието на длабоко незадоволство од владеењето на Лукашенко и неговото одбивање сериозно да ја земе предвид епидемијата на коронавирусот, но и лошата економска состојба на државата.
Циханускаја во Литванија
Кандидатката за претседател на белоруската опозиција Свјатлана Циханоскаја замина за Литванија и е безбедна, објавени вчера на Твитер министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус. До ова дојде по втората ноќ на судири во Белорусија, по спорните претседателски избори одржани на 9 август, на кои Циханускаја се појави како ривалка на Александар Лукашенко. Претходно таа им рече на новинарите дека смета оти победила на изборите, а не Лукашенко.