Басра во Ирак некогаш беше Венеција на Истокот, прекрасен град со канали блиску до Персискиот Залив. Но токму пред еден месец, Басра беше ставена под опсада од насилни групи демонстранти, кои зад себе оставија повеќе од десетици жртви. Зошто пак зоврива атмосферата? Кој повторно го генерира ова безбедносно жариште што одново може да го запали Средниот Исток?
Масата што протестираше на 7 септември годинава, експлицитно изрази многубројни незадоволства. Нивната провинција содржи 70 отсто од нафтените резерви на Ирак, но половина од градот живее во екстремна сиромаштија. Невработеноста е голема, корупцијата во локалната власт е нескротлива, а основните потреби како што се редовната електрична енергија, нешто што е неопходно кога температурите се повисоки од 38 степени, и чистата вода за пиење едноставно не се задоволени.
Демонстрантите палеа јавни канцеларии и седишта на политички партии. Американската дипломатска зграда на аеродромот во Басра беше цел на проектили, но сепак не беше оштетена. (Во таа смисла, спротивно на изјавата на секретарката за печат во Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, Иран не беше одговорен за овој напад врз американските објекти – демонстрантите исто така го запалија иранскиот конзулат, извикувајќи „надвор Иран!“).
– Америка и Иран ги поддржуваат ривалските политички групи во Ирак, во нивната опасна борба за формирање влада, откако изборите во мај не донесоа јасен победник, а протестите во Басра сугерираат дека ирачкиот народ не го сака мешањето на овие две држави во неговите внатрешни работи – известуваат од „Вол стрит џурнал“.
Нередите во Басра не се некое изненадување, со оглед на условите за живот на локалното население, но секако тие би требало да бидат поучни. Тие се последица на променетиот режим, 15-годишното надворешно мешање, окупацијата и реконструкциите во Ирак. Ова се придобивките од позајмените и потрошените трилиони долари и десетиците илјади изгубени американски и ирачки животи. Протестите во Басра се само еден сегмент од тековните политички превирања во Ирак, со сите безбедносни ризици и човечки страдања што ги наметнуваат. Меѓутоа, како што посочуваат одредени аналитичари, постојат силни индикатори дека генераторот на таквите состојби е микрокосмосот на Вашингтон, кој некако сѐ уште се потпира врз воени интервенции и јакнењето на идентитетот на нацијата, која според некои „рецепти“, треба да биде „лек“ за локалните политички проблеми на некои далечни земји, кои не ги загрозуваат американската безбедност и просперитет, ниту пак нејзиниот начин на живот.
Во Басра, или поточно во целиот Ирак, Американците со години се соочуваат со докази дека воената интервенција на САД не успеа да постигне стратегиски важни и одржливи резултати – и покрај огромните напори од страна на Вашингтон.
– Некои би можеле да тврдат дека зголемените напори, инвестирањето нови милијарди долари или испраќањето повеќе воена опрема и во текот на наредните 15 години ќе донесе поповолни резултати, но сето тоа се залудни активности – вели воениот историчар и полковник во пензија Ендру Бачевич. Не постои ниту една цел во Ирак, која за Америка би значела воена победа, а повторувањето на грешките од минатото којзнае по кој пат нема да донесе резултат.
За Вашингтон, следењето на хаосот во Басра би требало да биде уште еден поттик за многумина да бараат драстични промени во американската надворешна политика, фокусирајќи се на тој начин стриктно на одбраната на строго дефинираните витални американски интереси. Оваа агенда можеби е непозната за Вашингтон, но таа е одраз на она што го сакаат повеќето Американци.
– Всушност, до степен до кој можеме да ги разбереме ставовите на американската јавност, повеќето од нив сакаа излез од Ирак кога беше избран претседателот Обама – забележува Бери Позен од американската компанија за политичко новинарство „Политико“.
Според него, тие го сакале истото тоа и кога беше избран Трамп – впрочем, откажувањето од војната во Ирак било клучно за успехот во кампањите на двајцата политичари.
– Освен аргументите за воздржаност, залагањата за поголеми воени напори во Ирак не се ниту потребни, а уште помалку мудри. Впрочем, треба да размислиме дали тие би биле во согласност со демократски искажаните ставови на американскиот народ. Навистина е чудно да се напуштат домашните демократски гледишта, а да се инсистира на нив во текот на бескорисни мисии во поделени и насилни странски држави – продолжува Позен.
Американците имаат право кога бараат поразумна и реална надворешна политика. Таквата политика не би жртвувала американска крв и богатство на војни што имаат намера да шират надворешна демократија и да преуредуваат општества, наместо да се фокусираат на одбрана на својот народ. Таа политика не би се обидувала да наметне надворешно воено решение за внатрешните политички проблеми кај другите народи. Исто така, не би ја обременувала американската војска со задачи за кои не е формирана и е несоодветна. На таков начин нема да придонесе ниту за регионалната нестабилност на Средниот Исток.
Постојаните неволји и сиромаштија – кои резултираа со минатонеделните немири на луѓето во Басра – се навистина тешки предизвици, но тие се ирачки, а не американски предизвици. Секако дека овие неволји нема да исчезнат во отсуство на американска воена интервенција. Но тие не исчезнуваат ни во нејзино присуство, па затоа крајно време е да се обидат со креирање нов курс во Ирак. И во интерес на САД како водечка сила, и во интерес на нејзините граѓани, но и во интерес на другиот дел на светот. Н.Р.