Изворот за најновите гласини дека Ким Јонг-ун е на смртна постела е истиот пензиониран корејски политички секретар кој објави дека Ким Јонг-ун починал претходно годинава
Чанг Сонг-мин, човекот кој стои зад гласините за смртта на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, е некогашен политички помошник на поранешниот јужнокорејски претседател Ким Дае-јунг, пренесува „Нешнл интерест“.
Некогаш, Чанг беше политички секретар на претседателот и беше избран во Националното собрание на 39-годишна возраст. Но, ветувачката кариера претрпе брз крај во 2002 година, кога беше отстранет од Собранието заради кршење на изборниот закон. Еден од менаџерите на неговата кампања беше осуден за мито на изборните функционери.
Тој се обиде повторно да се кандидира, но освои само 11 отсто од гласовите. Оттогаш, Чанг претежно се држи надвор од директно учество во изборната политика, но напиша неколку книги за политика и беше домаќин на ТВ-емисија, која беше опоменувана од властите за ширење на клевети и лажни тврдења.
Во 2013 година, неговото ТВ-шоу емитувано на телевизијата „Чосун“, беше домаќин на бегалци од Северна Кореја, кои лажно тврдеа дека востанието во Квангџу во 1980 година, клучен момент во демократизацијата на Јужна Кореја, било организирано од единици на севернокорејската војска. Востанието во Квангџу сѐ уште е проблематично прашање за Јужна Кореја четириесет години подоцна. Иако корејската влада денес официјално го признава Квангџу како клучен настан во својата историја и напредок кон демократијата, сепак, постои раздор во тоа како либералите и тврдокорните конзервативци гледаат на настанот.
Откако емисијата беше емитувана, Демократската партија побара од бирото за комуникации да спроведе истрага. Чанг негираше дека ставовите изразени од бегалците од Северна Кореја ги претставуваат и неговите ставови, но и покрај тоа, кога се обиде да се кандидира за претседател во 2017 година, Народната партија одби да му дозволи да му се придружи поради контроверзиите од 2013 година. Наместо тоа, тој формираше своја партија и освои само 0,01 проценти од гласовите. Во 2016 година, тој ја обвини Демократската партија за соработка со Северна Кореја.
Чанг сега е критичар и на претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин. Тој ја спореди „цивилната диктатура на Мун“ со онаа што го изврши масакрот во Квангџу и, на денот на националното ослободување, тој напиша дека корејскиот народ треба да се ослободи од Мун.
Чанг е само еден од многуте кои шират гласини за ситуацијата во Северна Кореја, а светските медиуми постојано ги повторуваат ваквите неосновани тврдења. Чанг на неговата страница на Фејсбук споделуваше гласини за здравствената состојба на Ким Јонг-ун. Гласините се истите оние што ги сподели и во април, за кои сега се смета дека се дискредитирани од сите веродостојни извори. Сепак, Чанг тврди дека фотографиите на кои е прикажан севернокорејскиот лидер се лажни. Северна Кореја овојпат објави нови фотографии, за кои без сомнение ќе се тврди дека се лажни од секој што сака да ги продолжи гласините дека Ким е во кома.
– Кога раководството на Северна Кореја известува дека во нивната совршена земја нема ниеден случај на коронавирус и дека не ѝ е потребна помош од надвор, не е ни чудо што гласините се распространуваат. Недостиг на доверливи информации во кризна состојба може да биде смртоносен – вели Мичел Блат, поранешен уредник на „Нешнл интерест“.
Секако, тука е потребата да се пишува за читаност, но кога станува збор за Северна Кореја, аналитичарите понекогаш мора да се потпираат и на непотврдени извори и гласини. Тоа, како и објавите на „Родонг Синмун“, официјалниот партиски весник на Северна Кореја, се единствените извори според кои се претпоставува и заклучива каде и што прави Ким во последно време.