Европската комисија при објавувањето на условите по кои ќе се нормализираат работите во Европа отворено порача дека „општествата ќе мора да живеат со вирусот додека не се открие вакцина или лек“. Според неа, можеби ќе биде потребна една година додека се добие официјално одобрена и достапна вакцина против ковид-19
Европската комисија подготвува стратегија
Додека државите во Европа во периодот што следува ќе се обидуваат да ги рестартираат своите економии и индивидуално ќе одлучуваат како ќе се одвива олеснувањето на строгите мерки за движење од пандемијата, лидерите на ЕУ побараа координација за подобра контрола на ширењето на вирусот. Европската комисија во таа насока неодамна воспостави и три услови кога ќе се олеснуваат мерките од карантинот во членките, пишува бриселскиот магазин „ЕУ обсервер“.
Според магазинот, првиот ќе се однесува на тоа значително да се намали ширењето на болеста и таа да биде под контрола одреден период. Вториот, според „ЕУ обсервер“, ќе биде во насока кон здравствените системи тие да имаат доволно капацитети да се справуваат не само со пациенти од ковид-19. И третиот услов на ЕК за излез од кризата во Унијата ќе биде во насока кон спроведување масовно тестирање како предуслов за олеснување на мерките, што значи тестирање во сите рурални средини покрај метрополите. Како што наведува медиумот, лидерите на ЕУ во таа насока посакуваат државите пред сѐ да имаат заедничка координација, бидејќи без тоа постои ризик овие услови негативно да се одразат и да се создадат политички несогласувања во Унијата.
– Комисијата го нагласи постепеното отворање на продавниците прво локално, а потоа прогресивно, со временско растојание меѓу мерките, за да се види нивниот ефект. Најранливите групи на граѓани, како хроничните болни и постарите, треба да се заштитени подолго време. Во јавниот превоз, возилата, продавниците и на работните места треба да се спроведуваат постојана и засилена дезинфекција и одржување на хигиената. Не треба сите истовремено да се вратат на работа, а првичниот фокус ќе биде на неопходниот сектор и најзагрозените групи – наведува „ЕУ обсервер“.
Според бриселскиот портал, јавните собири ќе бидат ограничени на подолг период. Во таа насока, училиштата и универзитетите треба да внимаваат на хигиената, додека класовите во иднина ќе треба да бидат помалобројни, а ќе треба да се практикува и електронското учење.
Во исто време, ЕК исто така соопшти дека треба да продолжат кампањите за поттикнување на личната хигиена и физичкото дистанцирање кај луѓето. Употребата на немедицински маски во јавноста е корисна, особено во затворен простор, каде што нема услови за запазување на растојанието од два метра. Комисијата исто така препорача да се развијат и мобилни апликации „што ќе ги предупредуваат граѓаните за зголемен ризик поради контакт со лице заразено со ковид-19“, затоа што со олеснувањето на мерките почесто ќе остваруваат контакти. Таа дополнително соопшти дека таквите апликации ќе се користат доброволно, со согласност на корисниците, со што ќе се почитуваат правилата за приватност и заштита на податоци на ЕУ.
– Апликациите ќе бидат исклучени од функција кога ќе заврши кризата со коронавирусот, а дадените податоци ќе бидат избришани – информира во средата ЕК, која додаде и дека справувањето ќе беше поефикасно ако постоеше една заедничка европска апликација.
Инаку, на почетокот од пандемијата прва настрада шенгенската зона, кога најголем дел членки на ЕУ ги затворија границите за да го спречат ширењето на вирусот. Потегот го наруши движењето на неопходните работници што патуваат преку границите, како и непреченото функционирање на синџирите на испорака, со што се ризикуваше да се појави недостиг од секојдневни продукти. ЕК веднаш потоа се активира за да овозможи „зелени коридори“ за камионите заглавени на границите, при што само за неколку дена откако се појави пандемијата објави препораки што се однесуваа за граничните премини.
– Патните рестрикции и гранични контроли што важат во моментов треба постепено да се олеснуваат, во согласност со епидемиолошката состојба во регионите, и да се почитуваат правилата за физичка дистанца. Првично ќе се олеснат патните рестрикции меѓу областите со низок ризик од коронавирус – се вели во документот на Комисијата, кој беше објавен неодамна.
Во исто време претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, предупреди дека државите треба да избегнуваат ситуации во кои една членка ги укинува граничните контроли додека стапката на заразени е уште висока во соседната држава.
– Кога ќе го ставиме вирусот под контрола, границите ќе се отворат, но тоа е долгорочен план. Движењето во шенгенската зона мора да биде целосно слободно – порача Фон дер Лејен.
Во исто време ЕК отворено порача дека „општествата ќе мора да живеат со вирусот додека не се открие вакцина или лек“. Според неа, можеби ќе биде потребна една година додека се добие официјално одобрена и достапна вакцина против ковид-19. Дотогаш, како што соопштија првите луѓе на Унијата, се чини дека владите ќе треба да се грижат за да не колабираат економиите и да го спречат шиењето на вирусот.