Геополитика и воена географија на Европа
Подготвил: Дејан Србиновски
Повеќето угледни магазини изминативе денови пишуваат што ќе значи најавеното повлекување на американската војска од Европа. Што ќе донесе ваквиот чекор од воено-стратегиски аспект за Германија и НАТО, но и кој најмногу ќе добие односно изгуби по одлуката за повлекување на 12.000 американски војници од Берлин
Наближувањето на предвидениот рок за повлекување на дел од американските воени сили од Германија, а подоцна и од Европа, кој неодамна го најави американскиот претседател Доналд Трамп за средината од септември, периодов меѓу експертската јавност повторно ги подгреа стравувањата од потенцијално нарушување на безбедноста на Стариот Континент, но и меѓу НАТО-сојузниците. Имено, повеќето угледни магазини изминативе денови пишуваат што ќе значи најавеното повлекување и дислоцирање на американската војска од Европа. Што ќе донесе ваквиот чекор од воено-стратегиски аспект за Германија и за Алијансата, но и кој најмногу ќе добие, односно изгуби по одлуката на американскиот шеф Трамп за повлекување на 12.000 војници од Берлин?
НАТО загрижен
Ваквиот развој на настаните беше доволен повод за „Јуроњуз“ да објави анализа за американско-германските односи и нивниот одраз врз остатокот од светот. Според бриселскиот медиум, Вашингтон со најавениот потег повеќе од сигурно го ослабнува НАТО наместо да го зајакне во Европа. Аналитичарите на медиумот во текст објавен на оваа тема велат дека едностраната одлука на САД да ги репозиционира своите трупи ја предизвикува Алијансата негативно и нервозно да влијае врз другите членки. Нику Попеску, директорка на програмата за поширока Европа при Европскиот совет за надворешни односи, за „Јуроњуз“ вели дека не „гледа вистински победници во одлуката на САД. Според неа, Америка со чекорот не само што го губи влијанието туку во исто време таа го намалува и својот кредибилитет, а со тоа Европа ја губи стабилноста.
– Овој потег не е значајно одвраќање на Русија. Ова е едностран чекор на „големиот брат“ на Сојузот, со цел да им покаже на другите дека тој може да казни или, во спротивно, да награди некоја членка како што тој посакува – вели Попеску.
Таа додава дека засега перцепцијата на НАТО за Русија како закана во моментот е релативно ниска, бидејќи ситуацијата во моментов изгледа стабилно, што не мора да значи дека нема да се влоши во иднина. Од друга страна, на површина од приказната може да изгледа дека Полска е една од победниците на новата стратегија на САД. Имено, како што наведува „Јуроњуз“, претседателот на Полска, Анджеј Дуда, прави напори САД дел од трупите да стационира во земјата. Како што наведува медиумот, Полска е подготвена дури да плати над 2 милијарди американски долари и да направи воена база за Американците, која властите во земјата се подготвени дури и да ја именуваат по името на американскиот претседател Трамп. Сепак, некои од аналитичарите велат дека Полска на крајот може да биде и губитник во приказната доколку со овој чекор значително ослабне НАТО.
Огромен подарок за Кремљ
Од друга страна, во анализа на магазинот „Форбс“ на истава тема се наведува дека за повлекувањето на дел од американските трупи „сè уште не е целосно јасно кои единици ќе бидат повлечени од ЕУКОМ“. Но се истакнува дека во истиот контекст многу е појасно дека „секое намалување на вооружените сили на САД во Европа ја ослабува одбраната на НАТО“. Во магазинот „Форбс“ е издвоен и ставот на „Њујорк тајмс“, во кој се вели дека „командата на САД е целосно збунета од одлуката на претседателот на САД за намалување на бројот на војниците“. Ваквите чекори на американската администрација повеќе од сигурно се добредојдени за Москва, која, впрочем, неодамна го отпоздрави повлекувањето на американските трупи од Европа и од Германија.
– Ќе го поздравиме секој чекор на Вашингтон кон намалување на своето воено присуство во Европа. Таквите чекори, без сомнение, ќе придонесат за намалување на можноста за судири и ќе ја ублажат воената и политичката напнатост во евроатлантскиот регион – изјави минатиот месец портпаролката на министерството Марија Захарова.