Минатиот период во повеќе земји низ Европа се одржаа антикорона-протести против најавите за повторното воведување на државните рестриктивни мерки за справување со коронавирусот како резултат на зголемениот број инфекции
Расте глобалниот револт против најавите за нови ограничувања поради пандемијата
Додека во половина од европските земји се зголемуваат случаите на инфекции од коронавирусот во пресрет на есента, па државите почнуваат повторно да воведуваат превентивни мерки, бранот на глобален револт кон рестрикциите и почитувањата на ограничувањата забрзано се шири. Имено, изминативе недели во повеќе држави на Стариот Континент, Јужна Америка, но и на Блискиот Исток се одржаа антикорона-протести против државните рестриктивни мерки за справување со пандемијата. Последната од низата демонстрации против носењето заштитни маски, но и против рестриктивните мерки поради ковид-19, викендов се случи во Лондон. Имено, без маски и без физичка дистанца неколку илјади Британци во Лондон се собраа во неделата и бараа да се укине одредбата на Владата за носење заштитни маски на јавните места, но и најавата на премиерот Борис Џонсон за враќање на рестриктивните мерки низ цела Англија. Ваквиот собир веднаш ја алармира политиката во земјата. Реакциите се слушнаа уште наредниот ден. Како што пренесе „Би-би-си“, британските парламентарци веднаш ги нарекоа демонстрантите „ковидиоти“.
– Опасните протести против корона-мерките предизвикуваат лутина, но не се причина за ограничување на слободата на собирање. Оние што ја презираат демократијата само чекаат такво нешто – смета Ричард Фиртс, англиски аналитичар.
Фиртс додава дека бранот на револт на луѓето кон владините рестриктивни мерки непотребно расте, а тоа може да доведе до отежнување во борбата против коронавирусот. Во меѓувреме, извикувајќи „Слобода“ и „Вирусот е лажен“, стотици луѓе во саботата се собраа во романската метропола Букурешт, за да изразат незадоволство против најавениот втор бран на владините рестриктивни мерки против ковид-19 во земјата. Демонстрантите во Букурешт држеа плакати на кои пишуваше „Вирусот не постои“, „Маските убиваат“ и „Не се плашиме“, додека истиот ден во Мадрид неколку стотици луѓе протестираа за истиот повод, држејќи транспаренти со натпис „Короната е циркус“. Во меѓувреме и двата протеста ги привлекоа теоретичарите на заговор и актерите против вакцинацијата против ковид-19.
– Демонстрациите можеби ќе ве разболат, но нема да ве убијат – рече Али Салих (30), кој работеше како доброволен болничар за демонстрациите што се одржаа и во Брисел.
Тој додаде дека протестите не можат да завршат без да се исполнат барањата за укинување на носењето маски на јавните места. Според него, владите низ светот претеруваат со бројките на заразени за да ја намалат слободата на луѓето.
Пилар Мартин, 58-годишна домаќинка од североисточниот град Сарагоса, за шпанските локални медиуми изјави дека отишла во Мадрид на протестот бидејќи верува дека Владата лаже, а коронавирусот е обична инфекција што може да се прележи како и секоја друга.
Во исто време во Израел стравот од вирусот немаше речиси никакво влијание врз неколкудневното протестно седење, предводено од жителите на една населба во Тел Авив, која сега е епицентар на пандемијата во земјата. Стотици жени и мажи се менуваат во смени, постојано одржувајќи го собирот против носењето маски и најавата за нови рестриктивни мерки на Владата. Неодамна демонстранти без маски на лицата и без заштитни костими маршираа на плоштадот во главниот град на Мексико.
Слично како и во Европа, демонстрантите се бореа да привлечат поголем број луѓе што, иако се загрижени од епидемијата, сакаат Владата да ги укине најавените рестриктивните мерки поради ковид-19, бидејќи, според нив, ограничувањата оставиле илјадници Мексиканци без работа и финансии. Во меѓувреме, здравствените експерти, но и медицинскиот персонал, постојано апелираат да се избегнуваат големи собири и редовно да се носат заштитни маски.