Американскиот претседател, Доналд Трамп објави за првата жртва на коронавирус во САД. Станува збор за жена во доцните 50-ти години, која била сериозно болна, пренесува „Ројтерс“.
Паралелно со ова, Си-ен-ен јави дека едно лице починало од коронавирус во Кинг Каунти, Вашингтон. Не се објавени дополнителни детали, бидејќи истите треба да бидат соопштени на прес-конференција вечерва.
Во меѓувреме, во Италија и официјално е потврдено дека 29 луѓе починале од инфекција со коронавирус, а регистрирани се вкупно 1.128 случаи на зараза. Педесет пациенти успеале да ја надминат болеста и да се опорават.
Вкупниот број позитивни пациенти на коронавирус е зголемен за 240 во последните 24 часа.
Коронавирусот уби најмалку 2.900 луѓе ширум светот, од кои најголемиот дел во Кина. Инфекцијата е присутна на сите континенти, освен на Антарктикот.
Според најновите податоци, ширум светот се заразени 85.697 лица, а 2.933 починале. Досега се излечиле 39.769 пациенти.
Бројот на заразени лица е зголемен во Италија, САД, Шпанија, Јапонија, Ирак, Иран и други земји. Холандија и Исланд ги пријавија првите случаи на инфекција.
Според новата проценка на СЗО, ризикот од ширење и влијание на коронавирусот сега е многу висок на глобално ниво. Сепак, заразата сè уште не се смета за пандемија.