Низ Европа лицата што не можеа да работат од дома го отфрлија јавниот превоз и ја избраа побезбедната опција на велосипедот како превозно средство кога пандемијата го погоди Стариот Континент на почетокот од оваа година. Владите одлучија да го поддржат високиот број на велосипедисти преку воведување инфраструктура како велосипедски ленти, сообраќајни знаци за намалување на сообраќајниот метеж и забрана за движење на автомобили во некои улици, иако некои од иницијативите беа привремени. Најмалку една милијарда евра беа инвестирани во користењето на ова превозно средство во текот на пандемијата, што е една од малкуте позитивни приказни во ерата на ковид-19. За жал, се чини дека фокусот на инфраструктурата за поддршка на велосипедистите во Европа е веројатно привремен.
Податоците од Европската велосипедска федерација покажуваат дека бројот на километри во велосипедска инфраструктура планирана за Европа почнал да расте на крајот на април. До средината на мај беше соопштено дека 500 километри се веќе имплементирани и таа бројка постепено растеше до околу 1.000 километри до средината на јули, кога веќе почна да стагнира. Со овој период исто така се поврзува значајното намалување на стапката на заразени во Европа, што поттикна некои од владите да почувствуваат дека помина најлошото од пандемијата. За жал, Европа сега се соочува со вториот бран и останува да се види дали бројот на проектите планирани за поддршка на велосипедистите повторно ќе порасне за време на зимските месеци.