Последната епидемија на големи сипаници или вариола вера во светот избувна токму на просторот на некогашната Југославија, во март 1972 година. Инфекцијата однела 40 животи, а заразени биле помеѓу 200 и 300 луѓе, поради што биле воведени карантини, кои ги контролирале војската и полицијата, а тогашните комунистички власти воспоставиле ембарго на какви било информации во врска со заразата…
Во ситуација кога секојдневно расте бројот на заразени и починати од новиот коронавирус во Кина и во светот, повозрасните граѓани се потсетуваат на последната епидемија на големи сипаници или вариола вера во светот, а која избувна токму на просторот на некогашната Југославија, во март 1972 година. Инфекцијата однела 40 животи, а заразени биле помеѓу 200 и 300 луѓе, поради што биле воведени карантини, кои ги контролирале војската и полицијата, тогашните комунистички власти воспоставиле ембарго на какви било информации во врска со заразата, а подоцна, со големи опструкции од властите бил снимен и култниот филм наречен „Вариола вера“.
Болеста, која тогаш била донесена преку човек што бил на аџилак во Мека, првично се манифестира со треска, но набргу потоа со промени во кожата, кои се претвораат во плускавци, проследено со внатрешно крвавење, застој на виталниот орган и болна смрт.
Тоа била една од најсмртоносните болести до почетокот на 20 век. Се проценува дека секој десетти жител на континентот починал од неа.
Атмосферата што се создала тогаш и мерките што ги презеле властите, во голема мера потсетуваат на она што се случува сега во Кина.
Претседателот на Кина, Си Џинпинг, завчера најави двојно зголемување на напорите, поцврста волја и порешителни мерки за ограничување на ширењето на заразата откога бројот на заразени со коронавирусот во Кина достигна 44.653, а бројот на починати се искачи на 1.113. Главниот кинески епидемиолог за инфекцијата, Жонг Наншан, вели дека бројот на новозаболени паѓа во некои провинции и предвидува дека епидемијата ќе ја доживее својата кулминација овој месец, а се надева дека би можела да заврши до април годинава.
И министрите за здравство на земјите на Европската Унија денеска ќе одржат вонреден состанок во Брисел за да се координираат за кризата со коронавирусот и неговите последици по јавното здравје и економијата. Тие ќе разговараат дали треба да се воведе ограничување врз летовите од и кон Кина, за репатријацијата на европските граѓани и за одговорот на кризните центри.
Македонија ги следи и усогласува своите активности по ова прашање со тие на Европската Унија, така што евентуално засилување на мерките за справување со коронавирусот би можело да се очекува и во земјава. Во меѓувреме остануваат во сила веќе воведените превентивни мерки, а надлежните и вчера известија дека ја следат состојбата.
Инаку, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека официјалното име на болеста предизвикана од новиот коронавирус е ковид-19.
Банкнотите може да го пренесат вирусот?
Дали пластичните полимерни банкноти, какви што се користат и во Македонија, може да бидат преносители на смртоносниот коронавирус? И оваа дилема деновиве е тема во медиумите низ светот, при што некои научници потврдиле дека коронавирусот живее на пластични и тврди површини до 48 часа.
Но да се пренесе вирусот преку парите велат дека е само теоретски можно, зашто, според нив, исушениот вирус на банкнотите може да биде ретка причина за пренесување. Засега се смета дека речиси сите случаи се должат на пренесување на респираторните капки од некој што кива или кашла во непосредна близина на друг човек.
Експертите, сепак, советуваат да се измијат рацете ако се допрат за рачки на вратите или тврди површини изработени од стакло, пластика, бидејќи вирусот може да живее на нив.
Полимерните банкноти меѓу другите се користат во Австралија, Азија, Канада, Малдиви, Мавританија, Никарагва, Нов Зеланд, Папуа Нова Гвинеја, Романија, Виетнам. Последни земји што вовеле полимерни банкноти се Велика Британија, Нигерија, Кејп Верде, Чиле, Гамбија, Никарагва, Тринидад и Тобаго, Мексико, Боцвана, Сао Томе и Принципе, Руската Федерација, Ерменија, Соломонските Острови, Египет, Организацијата на источните карипски држави (ОЕЦС), Самоа, Мароко, Албанија и Камбоџа.