Нема знамиња на Европската Унија (ЕУ) на антивладините протести што се одвиваат во Минск и во другите белоруски градови во изминатава недела, со што експертите посочуваат дека Белорусија е проруска држава, дури и без претседателот Александар Лукашенко, пренесува „Дојче Веле“.
При поглед на мапата може да се забележи уникатната географска положба на Белорусија. На запад таа се граничи со членките на НАТО – Полска, Литванија и Летонија. На југ сосед на Белорусија е Украина, а на исток Русија.
– Но Белорусија е далеку од неутрална држава меѓу спротивставените сили. Белорусија не е неутрална како Швајцарија, Шведска или Финска. Таа е дел од Организацијата за договорот за колективна безбедност (ОДКБ), воената алијанса помеѓу шест држави доминирана од Русија – вели Густав Гресел од Европскиот совет за надворешни односи.
Создаден во 2002 година, сојузот кој нема тесна внатрешна поврзаност како НАТО, ги вклучува Ерменија и трите држави од Централна Азија – Казахстан, Киргистан и Таџикистан, заедно со Русија и со Белорусија. Изминатиов викенд, по разговорите со Кремљ, Лукашенко ја спомена алијансата кога истакна дека Русија ќе застане покрај сојузничката Белорусија, во рамки на договорот за колективна безбедност.
Белорускиот претседател ја даде изјавата откако го обвини НАТО дека трупа војска на западната граница на Белорусија, што Алијансата го негираше. Како одговор Лукашенко нареди воени вежби во близина на границите со Литванија и со Полска. Според Гресел, тоа е обид за создавање на надворешна закана што би поттикнала руска воена интервенција.
Гресел и други експерти сметаат дека Русија не ги полага надежите во автократот чија моќ слабее, туку врз фактот што Белорусија е проруска држава. Гресел верува дека Кремљ нема да се противи на промената на власта, се додека не вклучува нагло скршнување кон Западот, ЕУ или НАТО.
Приклучувањето кон евроатланските структури не е посочено како цел на протестите. Опозицијата не сугерира дека Белорусија би требало да стане членка на ЕУ. Затоа санкциите кои Унијата сака да ги наметне на државата би биле контрапродуктивни, според опозициската политичарка Марија Колешникова.
Гресел пак, посочува дека ситуацијата во Белорусија се разликува од онаа во Украина, која заземала прозападен став, разгорувајќи го конфликтот на источната граница. Тој верува дека променливиот курс на Лукашенко е поголем проблем, бидејќи белорускиот претседател никогаш не се потчинил на руската желба да воспостави воена база во Белорусија. Лукашенко секогаш ја претпочитал независноста, а сепак, создал и одредени врски со НАТО, при што Белорусија земала учество во програми на Алијансата. Тогаш ЕУ ги укина и санкциите наметнати за дел од владините претставници во Белорусија. Одредени аналитичари истакнуваат дека Кремљ би сметал на поддршката на гласачите за проруски наследник на Лукашенко, во случај на повторни избори.