Кинеската метеоролошка служба објави црвен аларм рано утрово поради приближување на тајфунот „Леким“ на провинцијата Жеџијанг на источниот брег, откако беа откажани летовите во Тајван и многу фирми беа затворени.
Националниот метеоролошки центар соопшти дека тајфунот, најсилен од 2014 година, се очекува да стигне до копното утре наутро, а потоа да тргне кон север.
Тајван од денеска нареди откажување на летовите и затворање на училиштата и компаниите. Повеќе од 40.000 домови останаа без електрична енергија, а брзата железница ги прекина повеќето линии.
Властите издадоа предупредувања за свлечиштето откако земјотрес од шест степени го погоди северо-источниот брег вчера, неколку часа пред да се приближи тајфунот.
Повеќе од 300 летови се откажани во Тајван, а од туристичките крузери е побарано да го одложат пристигнувањето во Шангај.
Се очекуваат силни ветрови во градот во текот на денот, а на истокот на Кина во наредните 24 часа може да паднат и 250 до 300 милиметри дожд.