Најнов извештај на ООН
Катастрофите, конфликтите, слабата економија и насилството доведоа до зголемено внатрешно раселување во државите низ светот во време кога глобалната мобилност е речиси запрена, бидејќи патувањето е ограничено поради пандемијата на ковид-19.
Ова меѓу другото стои во извештајот на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) при ООН, именуван „Светска миграција за 2022 година“.
Во анализата се наведува дека околу 3,6 отсто од светското население, или 281 милион луѓе во светот се мигранти. Од нив, две третини се печалбари, додека бројот на мигранти е драстично зголемен во последните пет децении.
Понатаму, исто така, во документот стои и дека огромно мнозинство луѓе не мигрираат преку границите, но многу поголем број раселени има во самите земји. Причина за слабата прекугранична миграција изминатата година биле строгите мерки за коронавирусот од државите наметнати за влез во земјите.
– Додека милијарди луѓе се приземјени поради ковид-19, десетици милиони луѓе се раселени во нивните земји. Сведоци сме на парадокс што досега не е забележан во историјата – изјави генералниот директор на ИОМ, Антонио Виторино.
Најголемите коридори изминатиот период во кои константно е забележана зголемена миграција во светот се оние што обично одат од земјите во развој до поголемите економии, како што се САД, Обединетите Арапски Емирати и Германија.