Претставничкиот дом на Конгресот на САД гласаше за ставање крај на американската воена поддршка на Саудиска Арабија за војната во Јемен.
На овој начин американските конгресмени се спротивставуваат на ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп во врска со поддршката на Ријад.
Претставничкиот дом за ваквиот закон гласаше со 247 гласа „за“ и 175 „против“, а еден конгресмен го повика Трамп „да ги повлече американските сили од воената акција во Република Јемен“ во рок од 30 дена.
Законот минатиот месец доби поддршка и во Сенатот и сега тој треба да биде доставен за потпис до претседателот Трамп, кој најверојатно ќе стави вето на документот.
Белата куќа ја нарече мерката „погрешна“ и предупреди дека тоа ќе им наштети на односите на САД со земјите во регионот, пред се со Саудиска Арабија.