Американските власти ја финансираа војната во Авганистан преку кредити наместо со зголемување на даноците или со издавање воени обврзници. По 20-годишниот конфликт, американските даночни обврзници сега се соочени со каматни плаќања од 530 милијарди долари
Генерации американски граѓани ќе ги отплаќаат вртоглавите трошоци од 2,26 илјади милијарди долари за авганистанскиот конфликт. Според анализата на трошоците за војната што ја изготви универзитетот „Браун“, човечките жртви во сега завршената борбена мисија на САД однесоа меѓу 239.000 и 242.000 животи во Авганистан и соседен Пакистан. До април беа регистрирани 2.442 загинати американски војници, со дополнителни 3.936 платеници. Во текот на речиси 20-годишната окупација, животот го загубија и 1.144 сојузнички војници. Авганистанската и пакистанската војска и полиција загубија 75.300 припадници, додека беа регистрирани над 71.000 цивилни жртви. Во судирите загинаа и 84.000 опозициски борци.
Американскиот претседател Хари Труман привремено ги зголеми највисоките даночни стапки за да ја финансира Корејската војна, а истото тоа го стори и претседателот Линдон Џонсон за време на војната во Виетнам. Меѓутоа, на почетокот на војната во Авганистан и во Ирак, претседателот Џорџ Буш Помладиот ги намали даночните стапки за најбогатите и ја водеше војната на кредит. Според Хајди Пелтиер, директорката на проектот „Дваесет години војна“ на Бостонскиот универзитет, ќе продолжи да расте кумулативната камата што американските даночни обврзници ја должат. Реалните трошоци за исплата на каматен долг што САД го направи меѓу 2001 и 2021 година ќе достигне 2,14 илјади милијарди долари до 2030 година и тројно ќе се зголеми до над 6,42 илјади милијарди долари до 2050 година. Овие исплати на камати се речиси една третина од сегашниот БДП на нацијата, кој изнесува 21,4 илјада милијарди долари.