Ковид-19 се појави речиси во сите држави во светот, освен во десет. Меѓу оние што успеаја да ја избегнат пандемијата засега се Палу, Микронезија, Маршалските Острови, Науру, Кирибати, Соломонските Острови, Тувалу, Самоа, Вануату и Тонга
Пирова победа за државите низ светот што ги заобиколи пандемијата
Палау е една од десетте држави во светот покрај Микронезија, Маршалските Острови, Науру, Кирибати, Соломонските Острови, Тувалу, Самоа, Вануату и Тонга, каде што нема регистриран случај на коронавирусот. Државата генерално живее од туризам, кој сочинува 40 отсто од нејзиниот БДП. Иако нема ниту еден случај на ковид-19, сепак вирусот силно ја погоди земјата. Хотелите се затворени од март, рестораните се празни, сувенирниците се исто така затворени, а единствените хотелски гости се жители што се враќаат од странство и одат во државен карантин, пренесува Би-би-си во своја анализа на тема за тоа кои држави во светот успеаја да го избегнат опасниот вирус. Брајан Ли, директор и косопственик на хотелот „Палау“, вели дека пред појавата на ковид-19 неговиот хотелски капацитет бил исполнет 70-80 отсто, но сега воопшто нема гости. Во хотелот има 20 вработени, кои ги задржал. Но празните хотели не можат вечно да се одржуваат и да се реновираат. Брајан не ја обвинува Владата, која понуди финансиска поддршка за жителите и ја спречи појавата на вирусот. Претседателот неодамна соопшти дека „неопходниот“ авиосообраќај ќе започне на 1 септември, а во меѓувреме се шпекулира дека ќе се отвори „воздушен коридор“ со Тајван за влез на туристи. За Брајан сепак ова не е доволно.
– Треба повторно да ги отворат границите, можеби треба да се воведат одредени патнички меури со Нов Зеланд и слични држави, инаку никој нема да преживее – смета тој.
Имуни земјите во Пацификот
На околу 4.000 километри источно во Тихи Океан, Маршалските Острови исто така немаат ниту еден регистриран случај на коронавирусот. Како и во случајот на Палау, тоа не значи дека не го почувствуваа влијанието на пандемијата. Пред ковид-19, туристичките капацитети беа исполнети 75-88 отсто со гости од Азија, Пацификот и САД, а откако границите се затворија во март, исполнетоста е само три до пет отсто. Државата очекува да загуби над 700 работни места од кои 258 ќе бидат во хотелскиот и ресторанскиот сектор. Самоизолацијата не му нанесе удар само на туризмот туку и на рибарската индустрија, на која Маршалските Острови повеќе се потпираат. За да се спречи влезот на ковид-19 во државата, на бродовите што патуваа до заразените држави им беше забранет влезот на пристаништата.
Нафтените танкери и товарните бродови мораа да поминат 14 дена во изолација на море пред да влезат. Не се издаваат рибарски лиценци, а беа укинати и товарните летови. Маршалските Острови се главен извозник на аквариумски риби, а со новонастанатата состојба извозот опаднал за 50 отсто. Другите рибни индустрии очекуваат намалување од 30 отсто во текот на годината. Иако со затворањето на границите осиромашија државите без ниту еден случај на ковид-19, сепак дел од населението не сака повторно да се отворат. Во државата Вануату има 100.000 жители, а директорот на центарот за јавно здравје, д-р Лен Таривонда, работи во главниот град Порт Вила. Таривонда инаку е од островот Амбае, кој има 10.000 жители и се наоѓа северно на 270 километри. Тамошните жители не сакаат да се отворат границите за да не дојде болеста. Таривонда тврди дека луѓето сè уште не ги чувствуваат последиците, затоа што жителите генерално се занимаваат со земјоделство, самите си ја одгледуваат храната и зависат од локалната традиционална економија. Но и покрај тоа, државата ќе биде погодена. Азиската развојна банка проценува дека БДП ќе опадне за речиси десет отсто.
Кризата нема да зависи само од затворањето на границите. Во април, државата беше погодена од тропскиот циклон Харолд во кој загинаа три лица и штетите влијаеја врз половина од населението. Во јули, Владата соопшти планови за повторно отворање на границите со „безбедните“ држави на 1 септември, но тие се одложија поради појавата на нови случаи во Австралија и во Нов Зеланд. Неодамна Владата дозволи 172 работници да заминат во Северната Територија на Австралија на сезонска шестмесечна работа. Но тоа не е доволно за државата во која туризмот има удел од 35 отсто во БДП. Покрај потребата за отворање на границите, Вануату нема да брза да го стори тоа.
Какви чекори можат да преземат земјите без коронавирус?
Постојат краткорочни мерки, како субвенции за работниците и за деловните субјекти, но единствена долгорочна цел е вакцината. Дотогаш, патничките меури се единствената надеж. Ромел Рабанал од Азиската инвестициска банка истакнува дека не е сè толку лесно, затоа што „се потребни предуслови, заеднички сет на тестирачки стандарди, следење на контактите и капацитети за карантин во случај на појава на вирусот“. Досега за ова било разговарано, но бил постигнат мал напредок. Џонатан Прајк, директорот на програмата за пацифички острови на институтот „Лоуви“, истакна дека „Австралија и Нов Зеланд првенствено ќе ја тестираат оваа идеја меѓу себе, но пред тоа да се случи мора да се искорени трансмисијата во заедницата, така што мали се шансите да се воведат патнички меури оваа година“. Притоа тврди дека расте очајот кај затворените пацифички држави.
– Дури и да ги отворат границите, нивните главни туристички пазари како Австралија и Нов Зеланд нема да се отворат, затоа што самите ги имаат затворени своите граници. Во исто време се случува здравствена и економска криза. Во иднина многу ќе размислуваме дали биле преземени вистинските чекори, но сигурно никој нема да се сомнева дека карантинот бил вистински потег за овие пацифички држави – смета тој.