Иако многумина очекуваа во годишното обраќање на нацијата рускиот претседател Владимир Путин да се фокусира на надворешните проблеми и судири, тој главно говореше за домашните проблеми, економијата и здравството, објави кинеската телевизија „Си-џи-ти-ен“.
Познато е тоа дека Путин ретко зборува отворено за неговите планови, но овој пат тој јасно ја спомена руската црвена линија, но не спомна каде таа е нацртана и што би се случило доколку САД и НАТО ја пречекорат истата. Наместо тоа, Путин му порача на Западот дека одговорот на Москва за преминување на црвената линија ќе биде „брз, асиметричен силен“.
– Кој и да преставува опасност за нашата безбедност ќе се покае за тоа како никогаш досега – изјави Путин.
Ваквата одлука остава простор за политички маневрирања. Доколку Западот не знае каде се наоѓа црвената линија на Русија, како ќе знае дали веќе ја пречекорил? Истовремено, Москва секогаш ќе може да се „воздржи“ и да го зачува образот, избегнувајќи конфронтации во светската арена со тоа што ќе тврди дека нејзината црвена линија не е пречекорена.
За време на обраќањето, Путин спомена и дека сите потези на Русија ќе бидат во рамките на меѓународното право. Тоа значи дека Русија ќе продолжи да ги поддржува нејзините сојузници, главно Белорусија и нејзиниот претседател Александар Лукашенко.
Во меѓувреме, Путин ќе мора да најде начин за решавање и на домашните проблеми. Главниот фокус на Русија ќе биде насочен кон домашниот развој и подобрувањето на општеството и економијата во секој аспект. И покрај пандемијата, руските бизниси годинава треба да остварат рекорден профит. Покрај тоа, Путин најави и големи планови за изградба на 120 милиони квадратни метри наменети за домување.
Русија ќе треба да најде начин да се справува со протестите за ослободување на опозиционерот Алексеј Навални и со санкциите воведени од страна на САД, како и да се справи со скандалите поврзани со експлозиите на складишта со муниција во Чешка и протерувањето на нејзините дипломати, а сето тоа за време на зголемените тензии во регионот Донбас на границата со Украина.
Москва има тенденција да избегнува какви било конфронтации со САД и нивните сојузници. Но Путин во неговото обраќање спомена дека Русија би можела да биде принудена решително да одговори на бесрамната грубост и непријателството кон неа, а пасивниот пристап и непостапувањето би можеле да се протолкуваат како знак на слабост од страна на Западот.