Германската канцеларка Ангела Меркел е најмоќната личност на Европа според листата на европското издание на магазинот „Политико“ која ги дели европските лидери во три категории – лидери од акција, подривачи и сонувачи, наведувајќи дека секоја категорија претставува различен вид на моќ.
Меѓу избраните 28 личности се и унгарскиот премиер Виктор Орбан, францускиот претседател Емануел Макрон, турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин, белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја, писателката Џеј Кеј Ролинг, англискиот фудбалски репрезентативец Маркус Рашфорд, водечкиот шведски епидемиолог Андрес Тегнел…
Во објаснувањето зошто Меркел е на првото место се наведува дека таа е 16 години на власт, како и дека веројатно ќе остане најмоќниот лидер на Стариот Континент до повлекувањето од власта наредната година.
Профилот на Орбан до вчера привлече најголемо внимание на интернет-страницата на „Политико“. Во него се истакнува дека унгарскиот премиер е зафатен со создавањето на модел за „нелибералната демократија“ откако ја добил расправата за миграцијата, притоа избегнувајќи санкции од Брисел.